ВЛАДИНИОТ ТИМ ЗА САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТ ПРЕД ПОЛНОПРАВНО ЧЛЕНСТВО ВО ГЛОБАЛНАТА МРЕЖА „ФИРСТ“

    ВЛАДИНИОТ ТИМ ЗА САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТ ПРЕД ПОЛНОПРАВНО ЧЛЕНСТВО ВО ГЛОБАЛНАТА МРЕЖА „ФИРСТ“Влезот во оваа организација ќе овозможи подобра меѓународна координација и побрз одговор на современите сајбер закани за државните институции. - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски (архивска фотографија)

    Владиниот тим за одговор на безбедносни инциденти MKD-GOV-CSIRT влезе во завршната фаза од процесот за стекнување полноправно членство во меѓународната мрежа FIRST (Forum of Incident Response and Security Teams). Како дел од реформската агенда за исполнување на европските безбедносни барања, двајца претставници на американскиот Software Engineering Institute (SEI) вчера беа во официјална работна посета на тимот во Скопје.

    Оваа посета, позната како „Site Visit“, претставува еден од најважните чекори за вклучување во глобалната заедница на тимови за одговор на сајбер инциденти. Експертите од SEI, кои се воедно и спонзори на македонското членство, извршија проверка на оперативните, организациските и безбедносните капацитети на македонскиот тим. Главниот фокус е ставен на начинот на кој се управуваат безбедносните инциденти и како се заштитуваат чувствителните податоци што се споделуваат меѓу земјите членки.

    Процесот на подготовка траеше изминатиот период преку неделни работни состаноци на кои се усогласуваа политиките и процедурите со меѓународните стандарди, европската директива NIS2 и моделот на зрелост SIM3. На средбата во Скопје беа презентирани внатрешната поставеност на тимот, техничката опременост и документацијата поврзана со оперативната подготвеност.

    Работните сесии продолжуваат со фокус на финализација на евалуацијата. Експертите ќе ги разгледаат процесите за прием, анализа и координација при сајбер напади. По завршувањето на овие активности, ќе биде поднесена официјалната апликација, со што MKD-GOV-CSIRT треба да стане дел од доверливата глобална мрежа до јуни 2026 година. Влезот во оваа организација ќе овозможи подобра меѓународна координација и побрз одговор на современите сајбер закани за државните институции.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира