МУЦУНСКИ БАРА ОПОЗИЦИЈАТА ДА ГИ ПОДДРЖИ ИЗМЕНИТЕ НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК И ПРАВОСУДНИТЕ РЕФОРМИ ЗА ДА СЕ ДОБИЈАТ ПАРИТЕ ОД ЕВРОПСКИОТ ПЛАН ЗА РАСТ

    МУЦУНСКИ БАРА ОПОЗИЦИЈАТА ДА ГИ ПОДДРЖИ ИЗМЕНИТЕ НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК И ПРАВОСУДНИТЕ РЕФОРМИ ЗА ДА СЕ ДОБИЈАТ ПАРИТЕ ОД ЕВРОПСКИОТ ПЛАН ЗА РАСТОпозициската СДСМ минатиот месец се повлече од работната група за Изборниот законик како реакција на законските измени со кои беше укината т.н. Пржинска влада. - Министерот Муцунски (Фото: K. Попов)

    Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски упати апел од опозицијата за постигнување консензус во Собранието околу реформската агенда, конкретно за Изборниот законик и правосудните реформи, за да може земјата да ги користи средствата од европските фондови. Тој вели дека во наредниот период се очекува историски највисока исплата на средства за државата во рамките на европскиот План за раст, но за тоа е потребно да се донесат законски измени од реформската агенда за кои што е потребно консензус или двотретинско мнозинство.

    „Денес сакаме јасно да упатиме повик до опозицијата, да ја тргне дневната политика на страна кога станува збор за европската иднина и да покажеме зрелост и конструктивност околу реформите клучни за државата, особено реформите што се директно поврзани со европската агенда и Планост за раст. Пред сè, Изборниот законик и правосудните реформи“, кажа Муцунски на прес-конференција во Владата.

    Опозициската СДСМ минатиот месец се повлече од работната група за Изборниот законик како реакција на законските измени со кои беше укината т.н. Пржинска влада.

    Според шефот на дипломатијата, европската интеграција не може да биде успешна без сериозност и национален консензус околу клучните државни прашања. Тој вели дека овој процес не е врзан само за една влада или партија, туку ја определува иднината на државата, поради што е потребен дијалог заснован на аргументи наместо дневнополитички конфронтации кои ја уриваат довербата во процесот.

    Муцунски вели дека реформската агенда не е само парола, туку подразбира функционални институции, владеење на правото и независно правосудство. Министерот смета дека е потребна конкретна поддршка во Собранието и институциите, каде што се носат одлуките, наместо само декларативни изјави на прес-конференција.

    Тој вели дека секое одолговлекување или политизирање на овие процеси претставува удар врз европската перспектива на граѓаните и врз државните интереси. Муцунски рече дека Планот за раст нуди сериозни можности за инвестиции и инфраструктурен развој, а очекуваните средства се јасен сигнал дека Брисел го препознава реформскиот капацитет и институционалната подготвеност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира