Пробиена е речиси целата траса на булеварот Борис Трајковски од Пинтија до Драчево, рече денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Тој кажа дека на терен се работи со засилено темпо. Булеварот ќе биде со четири ленти и со велосипедска патека.
„Решена е експропријацијата и за две недели пробиена е речиси целата траса. Оние 850 метри од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево ќе бидат минато. На оваа делница ќе се постави и атмосферска канализација”, рече Ѓорѓиевски.
Проширувањето на булеварот Борис Трајковски почна во јуни 2021 година, кон крајот на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Со доаѓањето на Данела Арсовска, работите беа закочени, односно со многу бавна динамика се одвиваа експропријацијата и пробивањето на трасата.
А. АНТЕВСКА



