Бугарија е изненадувачкиот победник на 70. издание на Евровизија, што се одржа во Виена и следната година ќе биде домаќин. Победничката песна „Бангаранга“ на 27-годишната Дара освои големи 516 поени, откако беше прва по двете гласања, и на жирито и на публиката.
На второто место заврши Израел со 343 поени, а трета беше Романија со 296.
Бугарија, која се врати по три години пауза, беше далеку од фаворит пред почетокот на раскошното европско музичко натпреварување, но сложената кореографија и заразниот рефрен на „Бангаранга“ ѝ ја донесоа првата победа на крајот. Најдобриот резултат на Бугарија досега беше второто место во 2017.
Дара, чие вистинско име Дарина Николаева Јотова, е родена во Варна и на јавноста ѝ стана позната во 2015, кога се пласираше во финалето на бугарската верзија на талент шоуто „Икс-фактор“. Денес е голема музичка ѕвезда во својата земја и нејзините песни и видеа имаат над 80 милиони преслушувања и прегледи на Јутјуб.
Дара појасни дека текстот на песната се осврнува на нејзината посветеност во надминувањето на анксиозноста и АДХД, што ѝ беа дијагностицирани минатата година.
„Бангаранга е нешто што секој го има во себе. Тоа е моментот кога избирате да водите со љубов, а не со страв“, рече таа.
Бугарската државна телевизија веднаш потврди дека следната година Евровизија ќе се одржи во Софија.
Годинашното натпреварување го обележа и бојкотот на Шпанија, Холандија, Ирска, Словенија и Исланд поради учеството на Израел.



