Русија започна со тридневни нуклеарни вежби, што ќе вклучи и лансирање балистички и крстосувачки проектили, објави руското министерство за одбрана. Учествуваат 64.000 војници и 7.800 парчиња воена опрема и, како што соопшти министерството, ќе се вежбаат „подготовка и користење на нуклеарните сили во случај на агресија“.
Дел од вежбите се и ракетните сили, Северната и Пацифичката флота, авиони со долг дострел и единици од Ленинградската и Централната воена област. Ќе бидат вклучени над 200 ракетни лансери, 140 летала, 73 бродови и 13 подморници, од кои осум нуклеарни.
„Вежбите ќе вклучат и обука за тоа како да се користи руското тактичко нуклеарно оружје распоредено во Белорусија“, соопшти министерството.
Најавата за вежбата уследи еден ден откако белоруското министерство за одбрана соопшти дека започнало вежби за нуклеарно оружје во координација со руската војска.



