Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, објави дека нивната пратеничка група целосно се повлекува од комисиската расправа за задолжувањето на земјата и најави кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради кршење на Деловникот.
Филипче тврди дека Владата на Христијан Мицкоски ја води државата кон должничко ропство. Како последен пример го посочи обидот за земање заем од 300 милиони евра од домашните банки, кои наместо бараната сума, одобрија кредит од 260 милиони евра со каматна стапка од близу 4,5%. Според него, ова покажува сомнеж во домашниот кредитен рејтинг.
„Секојдневно гледаме како владата на Христијан Мицкоски ја турка земјата во должничко ропство. Последниот предлог е да се земат 300 милиони евра од банки, но банките на Владата не ѝ ги дозволија, што укажува на веќе постоечки сомнежи во нашиот кредитен рејтинг. Имено, конзорциум на банки дозволи кредит од само 260 милиони евра, со ужасно голема каматна стапка од близу 4,5%“, изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Од СДСМ реагираат дека парите од задолжувањата не се користат за зголемување на минималната плата, редовна исплата на плати во јавните институции, социјални трансфери или поврат на ДДВ за компаниите, каде должните средства изнесуваат околу 200 милиони евра. Според партијата, средствата завршуваат во партиски тендери, додека вкупниот јавен долг за две години пораснал за 2 милијарди евра, односно од 8,5 милијарди во 2024 година сега изнесува речиси 11 милијарди евра.
Како причина за интерпелацијата на спикерот Гаши, Филипче го посочи постојаното кршење на Деловникот при закажувањето на седниците на Комисијата за финансирање и буџет. Тој вели дека Гаши задолжува друг пратеник да ја води комисијата и во случаи кога претседателката на ова тело, Сања Лукаревска, е присутна, што не е дозволено според собраниските правила.
Во понеделникот, парламентарното мнозинство ја изгласа потребата за задолжување од 260 милиони евра по скратена постапка.



