ПОТРОШИВМЕ 200.000 ЕВРА ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ КАСНАТИ ОД КУЧИЊА, ДВЕ ГОДИНИ ЧЕКАМ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ЈА РЕШИ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ЗА ЗЛОУПОТРЕБА, ВЕЛИ ВЕЛЕШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК КОЛЕВ

    ПОТРОШИВМЕ 200.000 ЕВРА ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ КАСНАТИ ОД КУЧИЊА, ДВЕ ГОДИНИ ЧЕКАМ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ЈА РЕШИ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ЗА ЗЛОУПОТРЕБА, ВЕЛИ ВЕЛЕШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК КОЛЕВВо Општата болница Велес во текот на 2025  лекарска помош поради каснување од куче побарале 157 лица. (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од 200 илјади евра потрошила Општина Велес за обесштетување граѓани каснати од бездомни кучиња во 2025 . Тоа е за над 25 илјади евра повеќе во споредба со претходната година. Најниска исплата имало во 2023, кога за оваа намена биле издвоени еден милион денари. Градоначалникот Колев вли дека две години чека решение по кривичната пријава што ја поднесе до Основното јавно обвинителство Велес против непознат сторител за оштетување на општинскиот буџет.

    Зголемен е и бројот на граѓани кои побарале обесштетување поради каснување од бездомно куче, од 159 случаи во 2024 година на 172 минатата година.

    „Двесте илјади евра, наместо да ги вложиме во реновирање градинка или изградба на инфраструктура, ги трошиме за обесштетување граѓани каснати од бездомни кучиња. Тука гледам злоупотреба и користење на општински, народни пари за лични интереси и потреби: одење на одмор, подготовка на зимница или купување дрва за огрев. За некои сограѓани ова е брза заработка“, вели градоначалникот Марко Колев.

    Од вкупно исплатените 12.821.621 денар за обесштетување во 2025 година, 7,7 милиони денари биле исплатени на физички лица, а 5,1 милион денари на адвокати.

    Додека до локалната самоуправа пристигнале 172 барања за обештетување, во СВР Велес биле евидентирани 187 пријави за лица каснати од кучиња скитници. Во Општата болница Велес во текот на 2025  лекарска помош поради каснување од куче побарале 157 лица.

    „Во 2023 имавме договор со осигурителна компанија таа да ги исплаќа оштетените. Потоа требаше судски постапки и потврда од Апелација, што одзеде време, па дел од пресудите се прелеаја во 2025 и затоа има зголемување на исплатите. Две години чекам решение по кривичната пријава што ја поднесовме до Основното јавно обвинителство Велес против непознат сторител за оштетување на општинскиот буџет, но епилог сè уште нема. Дел од сограѓаните чуваат кучиња, а потоа ги оставаат на улица, па бројот на бездомни кучиња постојано расте“, додава Колев.

    За надминување на проблемот со кучињата скитници, девет општини од Вардарскиот Плански Регион, заедно со Министерството за локална самоуправа и Швајцарската амбасада, изградија стационар за бездомни кучиња „Шепка“ со капацитет од околу 70 кучиња. Стационарот е лоциран во близина на Кавадарци, но засега не го решава проблемот.

    Советник во Општина Велес оценува дека со досегашното функционирање на стационарот ниту граѓаните, ниту кучињата се безбедни на улиците.

    Од раководството на стационарот побарале време за да се почувствуваат ефектите од работата на центарот, посочувајќи дека бездомните кучиња најчесто се последица на неодговорни сопственици кои по краток период ги напуштаат своите миленици.

    Во Велешката болница минатата година, освен поради каснување од кучиња, пациенти побарале лекарска помош и поради каснување од видра – еден случај, од мачка – 20 случаи, од глушец – еден случај и едно каснување од коњ.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира