Градежната компанија која отпушти градежен инженер зашто Државниот инспекторат за труд пријавил дека не плаќа за прекувремена работа и му остана должна, по 7 дена откако за неговиот проблемот беше објавен текст во САКАМДАКАЖАМ.МК, му го исплати целиот долг.
Инженерот Игор Димовски, кој го пријави својот случај и на платформата „Пријави корупција“ на САКАМДАКАЖАМ.МК, тогаш кажа и дека газдата не дозволувал ни користење годишен одмор и боледување, а фирмата работела без поединечна евиденција за вработените.
По објавувањето на текстот на 20 мај, проблемот е решен со посредство на Трудовиот инспекторат каде градежниот инженер Игор Димовски ги поднел пријавите за повеќе прекршувања на законите од компанијата во која работел и прекувремено.
„Сакам да ве известам дека фирмата ми ги исплати заостанатите дневници што ми ги должеше, додатоците за минат труд, како и неискористениот годишен одмор“, ни кажа Димовски во е-пошта до редакцијата во која ги приложи и решението за годишен одмор како и за исплата на средствата добиени од фирмата.
Инженерот Димовски аномалиите и должењето средства од мај 2025 до април 2026 година ги пријавил во Државниот инспекторат за труд првиот пат анонимно. Но, газдата на градежната фирма веднаш штом дознал за пријавата го отпуштил од работа, односно не му го продолжил договорот и со месеци месеци одбивал да му ги плаќа заостанатите додатоци.
Тој се сомневаше дека место него, Трудовиот инспекторат го штити работодавецот, оти е во многу блиски роднински врски со претставници на актуелната власт.
„Јас сум Игор Димовски, градежен инженер вработен во фирмата, која изведува станбени згради во Скопје. Пред 3 месеци анонимно до трудова инспекција пријавив дека фирмата не плаќа прекувремена работа, работа во празници, и додаток за минат труд, потоа не дозволува користење годишен одмор и боледување и прави ред други прекршоци врз работниот однос. Откако немаше реакција од трудов инспекторат, решив да пријавам лично, со име и презиме. Сопственикот на фирмата, Л. Н., дознал за мојата пријава и решил да не ми го продолжи договорот за работа. Како тоа да не беше доволно, откако отидов лично во трудова инспекција да прашам до каде е постапката по мојот предмет, добив телефон од Д. А., надлежниот инспектор по мојот предмет. Лицето е трудов инспектор од Кичево, и телефонски ме праша што толку сум запнал да пријавувам кога ништо нема да се смени. Инспекторот бараше да ја повлечам претставката со ветување дека директорот Л. Н. на рака ќе ми ги исплати парите што ми ги должи. Исто така инспекторот иронично враќаше дека постапката може да трае со месеци и дека не бил тој должен да проверува кој кога одел на работа. Брзо по мојот телефонски разговор со инспекторот од Кичево, на телефон ми ѕвонеше газдата Л. Н. со барање да ја повлечам претставката против неговата фирма. Јас уште сум зачуден од ваквиот однос на трудовата инспекција, и се прашувам која е целта на нивното постоење ако наместо работниците, ги штитат газдите во нивното уназадување на работничките права?“, наведе Димовски во пријавата на платформата „Пријави корупција“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Кога се јавивме во Трудовиот инспекторат во Кичево, оттаму ни кажаа дека тие навистина го препратиле предметот во Скопје, бидејќи на пријавената адреса од сопственикот на градежната фирма, на подружницата во Кичево, тие нашле продавница за автоделови. Патем, за седиште на оваа фирма наведено е Кичево, а таа гради згради во Скопје, каде исто така има седиште.
Ни рекоа и дека по предметот веќе се постапува, брзо ќе се излезе на терен во Скопје каде што биле градежните активности на кои работел пријавителот Димовски, ќе се разговара со сопственикот на пријавената фирма, ќе се испита случајот и предметот многу брзо ќе се реши.
Пријавителот Димовски кој се сомнева во корупција, непотизам и интереси на влијанија меѓу неговиот газда и Трудовиот инспекторат, односно власта, покрај анонимната и таа по неа со име и презиме, имаше поднесено уште една пријава до Инспекторатот во која наведува:
„Во фирмата нема евиденција за присуство на работа и за работно време, ниту води евиденција за годишен одмор и боледување, нити дава пресметка на плата (платна листа), нити евиденција за прекувремена работа“.
С. К. ДЕЛЕВСКА



