„ОХРИД СОС“ ПОДНЕСЕ БАРАЊЕ ЗА ИТНА ЗАШТИТА НА АРХИТЕКТОНСКИ ВРЕДНА КУЌА ОД 1927 ВО СТАРОТО ГРАДСКО ЈАДРО, СТРАВУВААТ ДЕКА ЌЕ СЕ УРИВА ЗА НОВА ЗГРАДА

    „ОХРИД СОС“ ПОДНЕСЕ БАРАЊЕ ЗА ИТНА ЗАШТИТА НА АРХИТЕКТОНСКИ ВРЕДНА КУЌА ОД 1927 ВО СТАРОТО ГРАДСКО ЈАДРО, СТРАВУВААТ ДЕКА ЌЕ СЕ УРИВА ЗА НОВА ЗГРАДАГраѓанските активисти предупредуваат дека на 28 мај, без претходна најава започнало расчистување на просторот околу куќата и стравуваат дека е вовед во нејзино рушење и изградба на нов станбен објект. (Фото: Охрид СОС)

    Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ на 29 мај доставила барање за итна привремена заштита на куќа на улицата Димитар Влахов изградена во 1927, која се наоѓа во непосредна близина на охридското старо градско јадро. Барањето поднесено до Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

    Според „Охрид СОС“, објектот претставува исклучително вреден пример на еклектична градска архитектура од меѓувоениот период. Куќата содржи уникатни архитектонски и декоративни елементи, кои денес се зачувани во многу мал број не само во Охрид, туку и во државата. Граѓанските активисти предупредуваат дека на 28 мај, без претходна најава започнало расчистување на просторот околу куќата и стравуваат дека е вовед во нејзино рушење и изградба на нов станбен објект.

    „Единствена информација добиена од работниците е дека се расчистува просторот за зграда. Во повеќе наврати минатата година ја информиравме јавноста и медиумите за намерите да се уништи дел од архитектонското наследство и значително урбано зеленило со цел изградба на огромен станбен објект“, велат тие.

    Куќата е исклучително вреден пример на еклектична градска архитектура од меѓувоениот период, содржи уникатни архитектонски и декоративни елементи, кои денес се зачувани во многу мал број не само во Охрид, туку и во државата. (Фото: Охрид СОС)

    Од надлежните институции се бара итно да го спречат понатамошното оштетување на објектот и да донесат решение за привремена заштита согласно член 39 од Законот за заштита на културното наследство. Според иницијаторите, тоа би овозможило започнување постапка за валоризација на куќата и нејзино понатамошно користење во согласност со нејзините културни и историски вредности како добро од јавен интерес.

    Во барањето се нагласува дека е загрижувачки што објектот досега не бил ставен под заштита согласно Законот за заштита на културното наследство иако, според иницијаторите, претставува значаен дел од културниот и урбаниот идентитет на градот. Дополнително, куќата се смета за дел од потенцијална амбиентална целина составена од слични градби долж улиците Димитар Влахов и Даме Груев, изградени во истиот историски период.

    „Овој објект заслужува соодветна валоризација и заштита како добро од јавен интерес, а неговото идно користење треба да биде во согласност со неговата историска, архитектонска и културна вредност“, велат од „Охрид СОС“.

    Подносителите потсетуваат дека објектот се наоѓа во зона III-а од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029), каде што се предвидува обновување на постојните градби и зачувување на амбиенталните карактеристики, традиционалните форми и хармонијата на просторот. Планот, исто така, предвидува ограничувања за окрупнување на градежните парцели и бара новите објекти да бидат усогласени со постојниот урбан и визуелен контекст.

    Во образложението се наведува и дека куќата е сместена во близина на повеќе значајни јавни објекти, меѓу кои Маларичната амбуланта, Пензионерскиот дом, градинката „Јасна Ристеска“, гимназијата „Свети Климент Охридски“ и Основното училиште „Григор Прличев“, со што претставува дел од веќе формирана архитектонско-урбанистичка целина.

    Според „Охрид СОС“, Охрид забрзано го губи своето архитектонско наследство. Во изминатите години беа урнати повеќе вредни и препознатливи градби, додека голем број други објекти со историска и архитектонска вредност се соочуваат со ризик од рушење или постепено пропаѓање поради недоволна заштита и грижа.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира