80 ОТСТО ОД МИЛЕНИЧИЊАТА НЕ СЕ КАСТРИРАНИ, НОВИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЌЕ ГО ОПФАТАТ ОДГОВОРНОТО СОПСТВЕНИШТВО

    80 ОТСТО ОД МИЛЕНИЧИЊАТА НЕ СЕ КАСТРИРАНИ, НОВИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЌЕ ГО ОПФАТАТ ОДГОВОРНОТО СОПСТВЕНИШТВОСе подготвуваат измени на Законот за благосостојба на животните при што ќе се воведе и делот за одговорно сопствеништво на репродуктивно способни животни. (Фото: СДК.МК)

    Над 80 отсто од домашните миленици во Македонија не се кастрирани, сопствениците немаат  пракса да ги стерилизираат, а кога ќе се окучат не знаат што да прават со приновата и ги пуштаат на улица. Ова беше истакнато како еден од најголемите проблеми за зголемената популација на бездомни животни по улиците, на состанок на пелагониските општини организиран од Агенцијата за храна и ветеринарство  околу ангажманот на локалната заедница во управување со популацијата на кучиња.

    Се подготвуваат измени на Законот за благосостојба на животните при што ќе се воведе и делот за одговорно сопствеништво на репродуктивно способни животни.

    „Во Македонија зборуваме за бездомна популација, а воопшто не зборуваме за изворите од каде доаѓаат бездомните кучиња. Во законските измени се става акцент на контролата на размножувањето. Сите сопственици кои ќе одлучат нивните кучиња да не бидат стерилизирани, треба да ги регистрираат и да бидат под одреден надзор на ветеринарната професија со цел да се следи новиот број кучиња“, рече Влатко Илиевски, професор Факултет за ветеринарна медицина.

    Новата стратегија за решавање на проблемот со бездомните кучиња подразбира и промовирање поголема кастрација и стерилиазија на животните.

    „Сѐ зависи од совеста на сите нас. Според медицинското укажување, со масовна стерилизација и кастрација по 5 до 7 години ќе се видат резултатите односно ќе се намали популацијта“, рече  Ангела Грујовска од  Агенција за храна и ветеринарство.

    Во Македонија нема реална проценка на бројот на бездомни кучиња. Постои само податок за Скопје дека во 2023 година имало 4.500.

    Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече дека проблемот не може да се реши преку ноќ, но дека се преземаат мерки со отворање на  прифатилиштето и дежурен телефон на кој можат да се пријават нетретирани кучиња и други активности.

    „Но, има малски кучиња кои често ги хранат пред зградите, објектите, дури и во јавните претпријатија се случува тоа. Во РЕК ‘Битола’ велат на една парцела има 72 кучиња. И тоа е страшна бројка, таму е депонијата Мегленци во близина и може да цикрулираат во двата правци“, рече Коњановски.

    Тој уште еднаш изрази сомнеж за спрега меѓу „одредени субјекти“ кои лажно пријавуваат каснувања од улични кучиња за пари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира