Израел и Либан се согласија да го спроведат прекинот на огнот, објави Стејт департмантот, но еден од условите е целосно запирање на нападите на Хезболах.
„Сите земји потврдија дека за иднината на односите помеѓу Израел и Либан мора да одлучат само двете суверени влади. Тие го отфрлија секој обид, од која било држава или недржавен актер, да ја држи иднината на Либан како заложник“, се вели во соопштението.
Притоа е наведено дека договорот, постигнат по четвртата рунда разговори во Вашингтон, зависи од евакуацијата на сите оперативци на Хезболах од областа во јужен Либан што ја контролира Израел, од реката Литани до границата.
„САД ќе помогнат во создавањето на пилот-зони, во кои либанските вооружени сили ќе преземат целосна контрола врз територијата, со исклучување на сите недржавни актери“, се вели во соопштението.
Не се дадени дополнителни детали за тоа како ќе функционираат зоните.
Ова следува по делумното примирје договорено пред четири дена, според кое Израел ќе се воздржи од бомбардирањето на Бејрут, а Хезболах нема да го напаѓа Израел. Тоа беше објавено по жестокиот телефонски разговор помеѓу Доналд Трамп и Бенјамин Нетанјаху, кога американскиот претседател го нарекол израелскиот премиер „луд“ поради неговите најави за ширење на војната во Либан.
Израел и Либан ќе се сретнат повторно на 22 јуни за натамошни разговори за постигнување сеопфатен договор. Хезболах досега не го коментираше последниот развој на настаните.
Либан беше вовлечен во војната помеѓу САД, Израел и Иран на 2 март, кога Хезболах лансираше ракети врз Израел како одмазда за израелскиот напад во кој беше убиен врховниот водач на Иран. Израел одговори со воздушни напади низ Либан и со копнена инвазија на југот на земјата. Борбите продолжија и откако Израел и Либан договорија прекин на огнот на 16 април.



