ИМА ПРОТЕЗИ ЗА КОЛКОВИ, ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ СЕ ПОРАДИ РЕНОВИРАЊЕТО НА ХИРУРШКИТЕ САЛИ И ОТИ ПАЦИЕНТИТЕ СИ БИРААТ ЛЕКАР, ВЕЛИ КЛЕКОВСКИ

    ИМА ПРОТЕЗИ ЗА КОЛКОВИ, ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ СЕ ПОРАДИ РЕНОВИРАЊЕТО НА ХИРУРШКИТЕ САЛИ И ОТИ ПАЦИЕНТИТЕ СИ БИРААТ ЛЕКАР, ВЕЛИ КЛЕКОВСКИТетовската болница бележи значителен пад на операции на колкови и колена, од 98 во 2023, на 29 во 2025, а причините за тоа дополнително ќе се утврдат.(Фото: СДК.МК)

    Нема недостаток на колкови, имаме недостаток на операциони сали и таму се листите за чекање, рече денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски, презентирајќи го извештајот „Артропластика на колк и колено во Македонија 2023-2025“.

    Листите на чекање се најголеми на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во рамки на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, каде чекаат 277 пациенти и во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, каде има 300 пациенти на листата. Во двете институции се реновираат хируршките сали.

    Според извештајот, нема листа на чекање за протеза на колк во болниците во Куманово, Тетово, Струмица, Велес, Гостивар и во Кавадарци. Од овие болници, најмногу залиха има во Тетово. Тетовската болница пак од друга страна, бележи значителен пад на операции, од 98 во 2023, на 29 во 2025, а Клековски рече дека причините за тоа дополнително ќе се утврдат. Најизразен пораст во периодот од 2023-2025 имаат: „Св. Еразмо“, Општата болница во Куманово, Клиничката болница во Битола и Општата болница во Прилеп.

    „Во основа листата на чекање е најдолга во две институции, каде што имавме и реални проблеми со капацитетот на оперативните сали, меѓутоа делумно таму притисокот и листите се продолжуваат заради изборот на лекар. Изборот на лекар е важен, меѓутоа јас би апелирал на пациентите, во земјава немаме само тројца, четворица, пет хирурзи. Надвор од Скопје имаме хирурзи што работат ‘рбетен столб. Морам да кажам, колк и колено веќе се во доменот на горе-долу рутински операции во услови кога имаме хирурзи кои работат ‘рбетен столб кој е покомплициран и потежок заа изведба.  Мислам дека треба веќе да покажеме одредена мобилност и да ги управуваме листите на чекање, но многу особено со пациентите. Ете ги, Прилеп, Охрид имаат многу кратки или скоро да немаат листи на чекање, а работат активно. Мислам дека треба да ја зајакнеме довербата на пациентите, дека не е сè во двајца, тројца хирурзи, дека ние имаме квалитетен опсег на  хирурзи. Болниците да комуницираат сè повеќе, да се запознаваат пациентите дека тие можности се достапни локално, за да соодветно се искористат оперативните капацитети надвор од Скопје“, рече Клековски, одговарајќи на новинарско прашање за долгите листи.

    Презентирајќи го извештајот, Клековски рече дека заклучно со 2025, извршени се околу 4.000 интервенции на колк и колена, што е околу 10 отсто зголемување во однос на бројките од 2023. Кај класичните примарни ендопротези за колк, изведени се 1.231 операција во 2025, што е зголемување за 18 отсто во однос на 2023. Ова се бројки , рече тој, во услови кога половина година во 2025 не работеа оперативните блокови во Клиничкиот центар и во Болницата „8 Септември“ поради реконструкција. ​Најголем раст на интервенции од околу 40 отсто  има „Свети Еразмо“ во Охрид.

    „На помалку добрата страна, 69 отсто од овие интервенции се прават во само 3 од 13 институции. Тоа се ТОАРИЛУЦ, ‘8 Септември’ и ‘Свети Еразмо’, а дури 76 отсто се прават во Скопје и во Охрид. Значи, имаме една географска концентрација на интервенциите, а со тоа и на листите на чекање. ​Во анкета спроведена оваа година, заклучно со мај 2026 година, имаме околу 660 пациенти на листите на чекање, спрема информациите од самите установи, а на залиха има над 400 колкови со завршени набавки во сите клучни институции. Зборувам клучни, кај оние институции каде што се вршат најголем дел од интервенциите. И, во основа, листите на чекање се концентрирани во две институции: ТОАРИЛУЦ  и ‘8 Септември’, во основа во двете институции каде што се реконструираа салите. ​А, земајќи ја анализата за достапност на колкови спроведени тендери, одговорно можам да кажам дека недостаток на колкови нема. Имаме недостаток на оперативен капацитет, односно на операциони сали, и таму се листите за чекање. Просечната возраст на пациентите е 69 години“, додаде тој.

    Според Клековски, споредбата регионално покажува дека за колкови, Македонија е во средината на земјите, значи ги поминува повеќето од соседите во моментот, а заостанува сериозно за колена.

    „И во артропластика на колена сме меѓу последните во регионот. Иако и кај колк и кај колена ги задоволуваме минимум од бројни интервенции спрема возраста на населението во Македонија, сметаме дека има значителен простор за подобрување кај колена, за зголемување на број на интервенции, а кај колкови треба да работиме на скратување на времето на чекање. Иако морам да кажам дека времето на чекање за планирани операции на колкови во сите земји се релативно долги“, кажа тој.

     

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира