Екипата „Скејтбордингот не е за девојчиња“, вториот филм на Дина Дума добила многу прашања и пофалби, по синоќешната светска премиера на Фестивалот Трајбека во Њујорк, соопшти продукцијата. Филмот е во Меѓународната конкуренција за награди и ќе има три проекции на фестивалот. Македонската премиера се најавува за септември.
„Американската премиера на филмот во рамките на фестивалот основан од Роберт де Ниро, се одвиваше пред преполна сала и со долга сесија на прашања и одговори, но и пофалби и комплименти за режисерката Дина Дума. Богатата дискусија после проекцијата разви емотивна и прекрасна атмосфера, особено околу прашањата кон Дума за тоа како работела со глумците и како ја постигнала таа автентичност“, се вели во соопштението, без повеќе детали.
Според фотографиите што ги испрати продукцијата, на премиерата во Њујорк присуствуваа режисерката Дума, актерката Симонида Селимовиќ, продуценката Лабина Митевска, директорот на Агенцијата Сашко Мицевски и советникот на директорот Стефан Ѓиноски.

Продуцентката Лабина Митевска и режисерката Дина Дума на премиерата на фестивалот Трајбека во Њујорк. (Фото: продукција на филмот)
Според нецелосни видеа споделени на Инстаграм, во разговорот по проекцијата Дума одговара на прашања во врска со изборот на непрофесионални актери како и за идејата за насловот на филмот.
- ВО ЊУЈОРК СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМА НА ФЕСТИВАЛОТ ТРАЈБЕКА
Главен лик во „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е 13-годишната Адела, чија постара сестра набрзо треба да се мажи, а таа преку скејтањето се бунтува против тоа и на тој начин се обидува да избега од таа реалност. Филмот следи три генерации жени од ромската заедница, кои се соочуваат со судир помеѓу традицијата и современоста и се заглавени во тоа.
Главните улоги ги играат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Најголемиот дел од актерите се натуршчици. Дума е сценаристка на филмот заедно со Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска и беше поддржан од Агенцијата за филм со 24 милиони денари (околу 400.000 евра) на Конкурсот во 2022 во втор рок на одлучување, како и со 350.000 евра од Еуримаж, а поддршка доби и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска.
Директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска. Во продукција на „Сестри и брат Митевски“ продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Светската дистрибуција ја застапува француската „Кинолоџи“.
Дебито на Дума, „Сестри“, имаше светска премиера во 2021 на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде освои Специјална награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, а беше и македонски кандидат за Оскар, но не влезе во прелиминарниот избор на Американската филмска академија. „Сестри“ е и првиот македонски филм кој беше достапен на најголемата светска стриминг платформа „Нетфликс“.



