Аква паркот што е дел од СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје и ова лето нема да работи. Како што вели директорот на спортскиот центар Даниел Апостоловски, потребна е целосна санација на објектот и реквизитите, но оваа година нема пари за таква инвестиција.
„Аква паркот го наследив во очајна состојба. Потребни се милион евра да се реконструира, а оваа година сме насочени кои реновирање на базенот. За жал, и ова лето паркот ќе биде затворен“, вели Апостоловски.
Аква паркот е затворен во 2024 година и не остварува никакви приходи. Според ревизорскиот извештај за работата на СЦ „Борис Трајковски“, одлуката за затворање е донесена поради економска неисплатливост и истечен десетгодишен гарантен рок на реквизитите и опремата. Во 2023, Аква паркот остварил приход од 4,29 милиони денари, што е 41% помалку од планираното.
Аква паркот беше отворен во 2015 година пред почетокот на летната сезона. Има 10 тобогани, базен за деца, базен со бранови, мрзлива река, административна зграда и кафуле.
А. АНТЕВСКА



