Култниот филм „Таксист“ одбележа 50 години од премиерата со специјална проекција на 25. издание на филмскиот фестивал Трајбека во Њујорк, што беше повод да се соберат режисерот Мартин Скорсезе, сценаристот Пол Шрадер и актерските ѕвезди Роберт де Ниро и Џоди Фостер.
„Очигледно, има нешто во овој филм што не умира. Доколку ја одбележувавме 50-годишнината во 1976, ќе зборувавме за филм од 1926. Така што, тоа е многу чудно“, кажа Шрадер.
Објавен во февруари 1976, „Таксист“ стана сензација од моментот кога влезе во американската свест. Правејќи ѕвезди од своите актери, филмот беше награден со Златна палма во Кан и доби четири номинации за Оскар.
Темата на отуѓеност безнадежно одекнува низ целиот филм, при што ликот на Де Ниро, 26-годишник кој страда од несоница, вози такси по улиците на валканиот и опасен Њујорк ноќе, додека истовремено размислува за сопственото чувство на изолација и има проблеми со поврзувањето со секого околу себе. Тоа последователно води до насилни последици.
„Кога го прочитавме сценариото, сите се чувствувавме навистина добро во врска со него бидејќи се идентификувавме со него на некој начин. Луѓето денес сѐ уште се осамени, особено со интернетот и во екот на пандемијата. Стануваат сѐ повеќе изолирани и влегуваат во светови во кои што не треба да влезат, станувајќи опседнати со нешто негативно“, рече Де Ниро.
Џоди Фостер имаше само 12 години кога беше снимен филмот.
„Кога првпат го прочитав сценариото, имаше нешто 100% вистинито и автентично во врска со незадоволството и осаменоста на ликот, што навистина не го разбирав во тој момент. Тој ѝ дозволува на публиката да биде сведок на неговиот пад, расплетување и обид за поврзување, но тој навистина не се разбира себеси. Тоа е привлечноста на антихеројот“, кажа Фостер.
„Таксист“ е имитиран во недоглед, вклучувајќи ја легендарната реплика на Де Ниро „Мене ми зборуваш?“, за која тој рече дека ја смислил за време на импровизација, за која Скорсезе кажа дека била „како во транс“.



