ДЕН ПРЕД СТАРТОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА РОДИТЕЛИТЕ ДОЗНАЛЕ ДЕКА ДЕЦАТА ОД СКОПСКОТО ШКОЛО „КИРО ГЛИГОРОВ“ ЌЕ УЧАТ ОНЛАЈН ОТИ УШТЕ СЕ ГРАДАТ НОВИ УЧИЛНИЦИ

    ДЕН ПРЕД СТАРТОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА РОДИТЕЛИТЕ ДОЗНАЛЕ ДЕКА ДЕЦАТА ОД СКОПСКОТО ШКОЛО „КИРО ГЛИГОРОВ“ ЌЕ УЧАТ ОНЛАЈН ОТИ УШТЕ СЕ ГРАДАТ НОВИ УЧИЛНИЦИВо училиштето кое е најново во земјава, пуштено во употреба во 2019, сè уште се изведуваат градежни работи за преградување на училници односно изведба на нови 6 училници на постоечкиот простор. (Фото: К. Попов)

    Децата од четвртто до деветто одделение од основното училиште „Киро Глигоров“ од скопски Капиштец во Општина Центар привремено ќе следат онлајн настава. Родителите велат дека за ова дознале денеска, односно ден пред почетокот на учебната година. Во училиштето, кое е најново во земјава и беше пуштено во употреба во 2019, сè уште се изведуваат градежни работи за преградување училници односно изведба на уште 6 училници на постоечкиот простор.

    „Сега треба да земаме одмор за да седиме дома со децата. Па што правеа цело лето, три месеци имаа за да преградат неколку училници, и сега децата наместо во училиште ќе седат дома како во ковид-пандемијата“, вели родител на дете кое учи во „Киро Глигоров.

    Од Општина Центар велат дека градежните работи во школото ги изведува Министерството за образование и наука (МОН) и оти досега тие не биле информирани дека ќе има онлајн настава.

    „Станува збор за инвестиција што се реализира во рамки на Проектот за унапредување на основното образование (ПЕИП), чиј носител е Министерството за образование и наука. Министерството ги обезбедува финансиските средства, основниот проект и ревизијата, го координира процесот, го обезбедува изведувачот и надзорот и ја следи реализацијата на градежните активности до нивното завршување. Согласно првично предвидената динамика, градежните активности требаше да завршат пред почетокот на новата учебна година. Со оглед дека работите сè уште се во тек, училиштето ‘Киро Глигоров“ побара организирање на онлајн настава за учениците од четврто до деветто одделение. Министерството за образование и наука даде согласност овие ученици времено да следат настава од далечина, до создавање услови за безбедно одвивање на наставата со физичко присуство“, велат од Општина Центар.

    Директорката на школото Билјана Билбиловска, вели дека градежните работи почнале во август и се врши преадаптација на училници за да можат сите деца да одат во една смена.

    „Ќе се прават шест нови училници поради зголемениот број на запишани деца. На почетокот, кога почнавме имаме помалку деца, а сега бројот е поголем. Градежните работи треба да завршат за брзо, се работи и во сабота и недела. Но, просторот мора да биде безбеден оти се работи внатре во школото“, вели Билбиловска.

    Од Министерството за образование и наука кусо ни одговорија дека градежните работи ќе завршат за две недели, а дотогаш децата ќе учат онлајн.

    Изградбата на училиштето почна во 2016, а беше пуштеново употреба во септември 2019 и чини 5,5 милиони евра. Автор на идејното решение за изгледот на училиштето е архитектот Бесиан Мехмети, со архитект Стефан Атанасоски, архитект Никола Кунгуловски и архитект Арменд Хебипи.

    Училишната зграда се протега на површина од 12.100 квадратни метри и дворна површина од 4.100 квадратни метри. Се состои од приземје, 2 ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила. Има 21 училница со акустика на простор, 7 специјализирани кабинети за предметна настава, спортска сала и сала за гимнастика, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира