ДИНА ДУМА ИМА РЕЖИСЕРСКИ ТАЛЕНТ НА КОЈ ВРЕДИ ДА МУ СЕ ПОСВЕТИ ВНИМАНИЕ, ВЕЛАТ КРИТИЧАРИТЕ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“

    ДИНА ДУМА ИМА РЕЖИСЕРСКИ ТАЛЕНТ НА КОЈ ВРЕДИ ДА МУ СЕ ПОСВЕТИ ВНИМАНИЕ, ВЕЛАТ КРИТИЧАРИТЕ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“Според „Синеуропа“, екипата, составена претежно од непрофесионални актерки, функционира извонредно како целина и создава чувство дека она што го гледаме е вистинско и автентично; - Евќар Абаз како Адела, главниот лик. (Фото: Филмски фестивал Трајбека)

    Дина Дума покажува сигурен режисерски глас и јасна контрола врз материјалот што го обработува, се вели во рецензијата на европскиот филмски протал „Синеуропа“ за филмот „Скетбордингот не е за девојчиња“, кој на 4 јуни имаше светска премиера на фестивалот Трајбека во Њујорк. Филмот се прикажа во Меѓународната конкуренција за награди. Македонската премиера се најавува за септември.

    Во „Синеуропа“ меѓудругото се вели дека овој филм сугерира оти пред Дума има уште многу простор за развој и експериментирање како авторка, но истовремено ја издвојува како талент на кој вреди да му се посвети внимание. Уште поважно, како што вели критичарката Вероника Орчикари, нејзиното дело придонесува кон пошироките напори за поголема застапеност на жените зад камерата, нудејќи промислен и навремен поглед кон прашања кои и денес остануваат длабоко релевантни.

    „Екипата, составена претежно од непрофесионални актерки, функционира извонредно како целина и создава чувство дека она што го гледаме е вистинско и автентично. Чувството на неправда што го доживуваме паралелно оди рака под рака со чувството на зајакнување и ослободување што филмот го пренесува преку музиката и актерските изведби. Филмот не само што ќе одекне кај заедниците што ги прикажува, туку ќе фрли светлина и врз тема за која ретко се зборува, подигнувајќи ја свеста за неправдите со кои жените и денес се соочуваат. Македонската кинематографија сè уште е недоволно застапена на меѓународната сцена, а темата што ја обработува овој филм е особено значајна и актуелна. Техничките аспекти на ‘Скејтбордингот не е за девојчиња’ се цврсто реализирани, иако не се особено впечатливи. Филмот не настојува да импресионира со технички ефекти и стилски егзибиции, а преголемиот акцент на формата веројатно би го нарушил неговото емотивно и тематско јадро. Во суштина, филмот остава впечаток на документарец; сепак, нема да биде лесен за гледачите кои очекуваат брзо темпо, бидејќи му е потребно време за да ги изгради ликовите, нивните мотиви и целокупната приказна. Тоа не е недостаток, туку свесна режисерска одлука која ѝ дава предност на емотивната длабочина пред наративната динамика“, се вели во „Синеуропа“.

    Во „Филмхонудс“ стои дека со „Скејтбордингот не е за девојчиња“, Дума се определува за реализам и емоција, кои во финалниот резултат се совршено избалансирани. „Наместо да ѝ наметнува ставови на публиката, Дума им дозволува на сликите и моментите да останат пред гледачот, оставајќи визуелниот јазик сам да проговори. „Токму тука филмот најсилно блеснува. Едноставно кажано, ова е воздржан и убав филм, на најмоќниот можен начин“.

    „Некст бест пикчр“ оценува дека „Скејтбордингот не е за девојчиња“ претставува важен филмски увид „во едно угнетувачко општество и во штетните уверувања и практики што го спречуваат да се развива, воден од потези на многу силна филмска режија“. Според „Анпеид филм критик“, „Скејтбордингот не е девојчиња“ не нуди лесни одговори за безизлезните ситуации во кои се наоѓаат неговите ликови, и токму затоа делува болно возбудливо и автентично.

    Во „Попкорн ривјус“ критичарот вели дека Дума вешто ги користи предметите како метафори, со што го продлабочува подтекстот и ја засилува пораката на филмот, како и дека нејзината режија е мека, нежна и длабоко емотивна.

    Главните улоги ги играат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Најголемиот дел од актерите се натуршчици. Дума е сценаристка на филмот заедно со Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска.

    „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска и беше поддржан од Агенцијата за филм со 24 милиони денари (околу 400.000 евра) на Конкурсот во 2022 во втор рок на одлучување, како и со 350.000 евра од Еуримаж, а поддршка доби и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска.

    Директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска. Во продукција на „Сестри и брат Митевски“ продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Светската дистрибуција ја застапува француската „Кинолоџи“.

    Дебито на Дума, „Сестри“, имаше светска премиера во 2021 на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде освои Специјална награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, а беше и македонски кандидат за Оскар, но не влезе во прелиминарниот избор на Американската филмска академија. „Сестри“ е и првиот македонски филм кој беше достапен на најголемата светска стриминг платформа „Нетфликс“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира