НАГРАДАТА „НОРА ЕФРОН“ ЗА „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМА НА ТРАЈБЕКА

    НАГРАДАТА „НОРА ЕФРОН“ ЗА „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМА НА ТРАЈБЕКАФала на Трајбека, место каде може да се зборува отворено во време кога на целот свет му фали сомилосност, рече Дума примајќи ја наградата во Њујорк. (Фото: АФ)

    „Скејтбордингот не е за девојчиња“, вториот филм на Дина Дума, ја освои наградата „Нора Ефрон“ на фестивалот Трајбека во Њујорк, каде ја имаше светската премиера.

    Наградата „Нора Ефрон“ се доделува на исклучителна режисерка која го претставува духот и визијата на легендарната режисерка, сценаристка, драматург и новинарка Ефрон, во чие обемно дело е и сценариото за класикот „Кога Хари ја сретна Сали“ и режијата на „Бессони во Сиетл“. Наградата во чест на Ефрон на Трајбека е востановена во 2013, една година по нејзината смрт, и носи и парична вредност од 25.000 долари, а за неа се квалификува филм од режисерка што во која било програма на фестивалот има американска, меѓународна или светска премиера.

    Главен лик во „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е 13-годишната Адела, која ја игра Ефќар Абаз, чија постара сестра набрзо треба да се мажи, а таа преку скејтањето се бунтува против тоа и на тој начин се обидува да избега од таа реалност. Филмот следи три генерации жени од ромската заедница, кои се соочуваат со судир помеѓу традицијата и современоста и се заглавени во тоа.

    Во образложението на жирито за наградата на „Скејтбордингот не е за девојчиња“ се вели:

    „Нора Ефрон претставува зошто поседувањето особен женски глас во еден патријархален свет може да отвори врата за толку многу други. Делото на Ефрон честопати го поставуваше прашањето: како жените преживуваат во непријателски свет? Нашиот избор за добитничка на оваа награда одговара на тоа прашање на многу начини. Овој филм е истовремено лирски и политички, трогателен и автентичен, срцепарателен и трогателен, а воедно е исполнет со радост и хумор. Давајќи им глас на безгласните, Дина Дума нè поканува во едно посебно, длабоко човечко искуство, нудејќи ѝ на публиката специфични ликови кои ја слават солидарноста и семејството“.

    Режисерката Дума синоќа во Њујорк ја прими наградата заедно со актерката Симонида Селимовиќ, која ја игра мајката на главниот лик.

    „Драго ни е што жирито ја препозна неодложноста на приказната. Фала на Трајбека, место каде може да се зборува отворено во време кога на целиот свет му фали сомилосност. Имам чувство дека има епидемија на апатични луѓе. Ни требаат места како ова, ни требаат места како фестивалот Трајбека. Тоа е лекот, филмот е лекот. Треба да се разбудиме, да проговориме, да бидеме заедно, да бидеме сочувствителни. Нашата млада актерка која ја игра главната улога никогаш не била в кино и за првпат ќе се види себеси в кино, а сега ќе биде многу возбудена што ја добивме оваа награда“, рече Дума при врачувањето.

    Актерката Селимовиќ рече дека наградата е посветена на сите жени, млади девојки, девојчиња и деца кои биле омажени како многу млади.

    „Ова е многу тешка тема на која работевме и не се однесува само на Македонија туку е меѓународна и треба да нè покрене за да сториме нешто. Фала на Шуто Оризари и на сите што ни помогнаа да го снимиме овој филм“, рече Селимовиќ.

    Во главните улоги играат и Џефрина Јашари и Ганимед Абдула, а најголемиот дел од актерите се натуршчици. Дума е сценаристка на филмот заедно со Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска. Директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска.

    „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска и беше поддржан од Агенцијата за филм со 24 милиони денари (околу 400.000 евра) на Конкурсот во 2022 во втор рок на одлучување, како и со 350.000 евра од Еуримаж, а поддршка доби и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска. Во продукција на „Сестри и брат Митевски“ продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Светската дистрибуција ја застапува француската „Кинолоџи“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира