Поранешен пилот на „Ер Канада“ се соочува со кривични обвиненија бидејќи речиси 17 години возел авиони и превезувал десетици илјади патници со лажна пилотска лиценца, соопшти канадската полиција. Џефри Вол беше уапсен на 1 јуни, откако истражителите утврдиле дека од 2009 до 2025 бил капетан на повеќе од 900 домашни и меѓународни летови, без никогаш да ја стекне потребната лиценца или да ги помине задолжителните тестирања.
„Оваа истрага и деталите поврзани со неа звучат како сценарио за филм“, изјави заменик-началникот на Регионалната полиција на Пил на прес-конференција во Онтарио. „(Вол) се искачи до позицијата капетан на лет, каде што речиси 17 години возешесо авиони ‘боинг 767, 777 и 787’“, при што од платата заработил над 2 милиони американски долари.
Обвинувањата потсетуваат на филмот „Фати ме ако можеш“ на Стивен Спилберг од 2002, во кој тинејџер со убедување успева да стане пилот во компанијата „Пан ам“.
Во овој случај, Вол бил лиценциран за управување со комерцијални авиони во текот на целата своја 27-годишна кариера во „Ер Канада“, но полицијата тврди дека никогаш не поседувал Лиценца за авиолиниски транспортен пилот за авиони (АТПЛ-А), која била задолжителна кога бил унапреден во капетан во 2009.
„Ова е многу слично на доктор кој има лиценца за семејна медицина, но врши операции на мозок во својата ординација“, рече полицијата. „Постојат дополнителни барања и регулативи за професионалните квалификации со добра причина. Веруваме дека обвинетиот лажно ги претставувал своите квалификации и пред својот работодавец и пред регулаторот“, додаде полицијата.
Вол бил откриен откако рутинска проверка на неговите документи во 2025 открила „неправилности во документацијата за пилотската лиценца“, по што „Ер Канада“ ги известила надлежните регулаторни тела, соопштија истражителите. Тој се пензионирал во 2025, пред да започне регулаторната и кривичната истрага, наречена „Проект Икар“, која била покрената во јануари.
Авиокомпанијата истакна дека Вол бил лиценциран комерцијален пилот и редовно покажувал дека е способен безбедно да управува со големи патнички авиони.
„Безбедноста не беше загрозена со овој инцидент, бидејќи сите пилоти во ‘Ер Канада’ поминуваат задолжителна повторна обука на секои шест месеци за потврдување на нивната летачка компетентност, вклучувајќи и проверка на летот со сертифициран проверувач-пилот од Транспорт Канада на секои 12 месеци“, соопшти ‘Ер Канада’.



