Американката војска го уби водачот на транснационалната криминална група „Трен де Арагва“, објави претседателот Доналд Трамп.
„По моја наредба, Јужната команда на САД изврши брз и смртоносен кинетички удар за успешно да го егзекутира Нињо Гереро, озлогласениот водач на ‘Трен де Арагва’, една од најкрволочните терористички организации на планетата Земја“, рече Трамп во објава на неговата платформа Трут соушал, во која објави и видео од нападот. Трамп рече дека „оваа акција била тесно координирана со нашите пријатели во Венецуела, со кои соработуваме многу добро“.
Венецуелската влада, денеска го потврди смртоносниот напад врз Гереро. За време на заедничката операција на силите од Венецуела и САД на југоистокот од државата Боливар, имаше и судири со осомничени членови на бандата, се вели во соопштението на Венецуела.
Боливар се наоѓа на југоистокот од земјата и се граничи со Бразил и Гвајана.
Изминатава недела, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека нападот бил извршен врз „’Трен де Арагва’ во Венецуела“. Франсис Донован од Јужната команда на САД им се заблагодари на „венецуелските безбедносни сили за нивната поддршка на успешната заедничка операција против ‘Трен де Арагва’, што резултираше со смртта на водачот на наркотерористичката организација Хектор Растенфорд Гереро Флорес, алијас „Нињо Гереро“.



