СО 15 МИЛИОНИ ДОЛАРИ УНДП И ШВАЈЦАРИЈА ГО СПАСИЈА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

    СО 15 МИЛИОНИ ДОЛАРИ УНДП И ШВАЈЦАРИЈА ГО СПАСИЈА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРОЗаштитен е опстанокот на далматинскиот пеликан и големиот фонд на птици од овој крај и вратен е животот на автохтоните риби, со проектот вреден 15 милиони долари кои во заштита на Преспанското Езеро изминатите 15 години ги вложија Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Швајцарската агенција за соработка и развој

    Спасено е Преспанското Езеро од деградација, вратен е животот на автохтоните риби и заштитен опстанокот на далматинскиот пеликан и големиот фонд на птици од овој крај. Овие придобивки се  благодарение на 15 милиони долари кои во изминатите 15 години ги вложија Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Швајцарската агенција за соработка и развој во заштита на Преспанското Езеро.

    Резултатите се видливи на терен, загадената езерската вода која исфрлаше црн талог на брегот, сега станува прозирна и чиста (Фото: СДК.МК)

    За првпат од постоењето на на овој стар екосистем беше преземен сериозен проект за контрола на загадувањето, намалување на користењето пестициди во овоштарството и соодветен третман на отпадните води. Резултатите се видливи на терен, загадената езерската вода која исфрлаше црн талог на брегот, сега станува прозирна и чиста.
    „После петнаесет години работа и петнаесет милиони долари инвестиција, среќни сме што виталните функции на Преспанското Езеро се обновуваат. Тоа се должи на промената на начинот на кој земјоделците ги одгледуваат своите култури, намалувањето на внесот на загадувачки материи од различни извори и подобрувањето на управувањето со отпадните води“, вели Хелен Кларк, генералниот потсекретар на Обединетите нации и администратор на УНДП.

    Отпадното јаболко веќе не завршува во езерото, туку во Ресен функционира современа постројка за компостирање на органскиот отпад

    Повеќе од 80 проценти од земјоделците во Преспа применуваат нови агроеколошки мерки во одгледувањето на овошките. Намалена е примената на пестициди и вештачки ѓубрива, како и вода за наводнување. Земјоделците преку обуки усвоија  нови методи на производство. Воспоставена е агрохемиска лабораторија и систем за следење на болести и штетници, кои овозможуваат вештачките ѓубрива и пестицидите да се користат само кога е апсолутно неопходно. Системот за информирање на земјоделците преку СМС пораки и социјалните мрежи како да се третираат овошките врз основа на агрометеоролошки мониторинг систем е прв од ваков вид не само кај нас, туку и во поширокиот регион.

    Викендов Преспа ја посетија и амбасадорите на Холанија и Британија, Воутер Пломп и Чарлс Гарет, кои лично се уверија во подобрената состојба на Езерото

    Отпадното јаболко веќе не завршува во езерото, туку во Ресен функционира современа постројка за компостирање на органскиот отпад. Во компостарата годишно се преработува околу 2.000 тони отпад од кој се добиваат околу 1.000 тони висококвалитетен компост кој наоѓа примена во земјоделството.
    „Со мои очи ги видов резултатите што се постигнати преку Програмата за реставрација на Преспанското Езеро која е финансирана од швајцарската влада. Веќе 20 години сме многу активни во Македонија, инвестираме во управување со отпадни води, интегрирано управување со водните ресурси во Македонија и постигнуваме резултати. Покрај овие резултати што ги имаме направено во Преспа, инвестираме и во струмичкиот регион и во многу други. Вкупно имаме инвестирано околу 85 милиони евра“, рече Стефан  Томагиан, заменик амбасадор на Швајцарија во Македонија.
    Викендов Преспа ја посетија и амбасадорите на Холанија и Британија, Воутер Пломп и Чарлс Гарет, кои лично се уверија во подобрената состојба на Езерото. Општина Ресен соработуваше со странските донатори кои помогнаа во заштитата.
    „Резултатите се видливи. Денес тврдам дека Преспанското Езеро е најчистото не само во Македонија туку и пошироко. Постигнавме извонредни резултати на зголемувањето на нивото на чистота, квалитетот на водата, тоа силно ќе влијае врз целокупниот екосистем на езерото и развојот на туризмот. Да се заблагодарам на УНДП, која со својата програма силно влијаеше врз нашите активности и преземените мерки и на Швајцарската агенција за соработка и развој која сето ова го инвестираше во изминатот период“, рече градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.
    Преспанското Езеро со години е соочено со климатските промени и загадувањето и беше изложено на драматични влијанија и деградација.
    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира