Македонското еколошко друштво (МЕД) спроведува активности за зајакнување на локалната популација на модроврани преку изработка и поставување куќарки. Сакајќи да им обезбеди сигурен дом на овие птици, МЕД ги повикува граѓаните да ја поддржат кампањата со симболична донација на линкот https://mes.org.mk/product/donacija-za-kukjicki-za-modrovranite/.
Некогаш широко распространета низ котлините во Македонија, модровраната денес се среќава само во Овче Поле, Скопската котлина и низ Повардарието до Демир Капија.
„Преку теренските истражувања во изминатите години утврдивме дека модровраните кај нас сè потешко наоѓаат места за гнездење. Затоа лани изработивме и поставивме неколку куќарки, кои годинава веќе им станале дом на овие птици. За да можеме да обезбедиме уште куќарки и така да ја зголемиме бројноста на модровраните, потребна ни е поддршка и решивме да ја побараме од граѓаните“, кажа Славе Накев, проектен координатор во МЕД.
Модровраната е средноголема преселна птица. Се размножува во топли, суви и пространи предели со помалку дрвја низ Европа и Централна Азија. Секоја година, на патот до Африка, може да помине и до 10.000 километри.



