МУ ДАВАМЕ ВРЕДНОСТ НА НЕШТО ШТО ЈА НЕМА, ВЕЛАТ ОД ШТИПСКАТА ФАБРИКА ШТО РЕЦИКЛИРА ДРЕСОВИ НА ФУДБАЛЕРИ И ОД НИВ ПРАВИ УНИКАТНИ ТОРБИ И КАЧКЕТИ ЗА ПРОДАЖБА ВО ХОЛАНДИЈА

    МУ ДАВАМЕ ВРЕДНОСТ НА НЕШТО ШТО ЈА НЕМА, ВЕЛАТ ОД ШТИПСКАТА ФАБРИКА ШТО РЕЦИКЛИРА ДРЕСОВИ НА ФУДБАЛЕРИ И ОД НИВ ПРАВИ УНИКАТНИ ТОРБИ И КАЧКЕТИ ЗА ПРОДАЖБА ВО ХОЛАНДИЈАПроизводите на „Депакон“ се прават главно од дресови кои веќе не се за продажба, а во последно време користат и банери од стадиони (Фото: Н. Батев)

    На просторот на некогашниот текстилен гигант „Астибо“ во Штип, во мал производствен погон се шијат торби, качкети, капи, понекогаш и јакни и кошули. Но, „Депакон“ не е класична конфекција. Во основата на нејзината работа е рециклирање, а материјалите што ги користи се фудбалски дресови и банери од спортски терени.

    Производите на „Депакон“ не можат да се купат во Македонија, туку најголемиот дел оди за Холандија.

    Основаачот на оваа фирма е Дејан Павиќ, штипски зет со корени во Србија, роден во Холандија. Фирмата денес вработува седум луѓе и може да произведува и над 3.000 парчиња месечно.

    Дејан Павиќ во својот производствен погон со уште шест вработени (Фото: Н. Батев)

    „‘Депакон‘ е моја фирма, основана е во 2017 година. Јас сум цел живот во текстил и така дојдов и во Македонија. Во коронакризата почнав да работам како консултант на фирми од Холандија и Германија и така дојдов во контакт со една фирма од Холандија, ‘Вадобаг Еуропе‘, која има програма што прави околу два милиона торби годишно. Тие забележале дека во Европа постои побарувачка за роба која се шие во Европа, бидејќи сè е ‘Made in China‘. Тоа е веќе политика, зашто некои луѓе не сакаат да купуваат ‘Made in China‘. И почнав да истражувам дали воопшто може да се работи таа програма во Македонија“, вели Павиќ.

    Во прв момент не планирал да отвори своја фирма, но партнерите од Холандија го убедиле дека е најдобриот човек за тоа, а веќе имал засновано и семејство во Македонија.

    Холандија е главниот партнер и клиент на „Депакон“ и оттаму доаѓа најголемиот дел од дресовите (Фото: Н. Батев)

    „Работата тргна откако стапив во контакт со холандската фирма ‘ФЦ 88‘, која ја работи оваа програма за рециклажа. После еден месец излезе првата мостра, беа задоволни и почнавме да ја развиваме таа програма. Вложивме во технологии и речиси три години подоцна дојдовме до оваа програма за upcycling, односно надградување на рециклирани материјали. Тоа е сега наш специјалитет“, кажа Павиќ.

    Производите на „Депакон“ се прават главно од фудбалски дресови кои веќе не се за продажба.

    „Ние ги сечеме дресовите и правиме дизајн од тоа што го има на самиот дрес. Им предлагаме модели на нашите клиенти и тие материјали ги лепиме на подлога. Но, за да биде навистина upcycling, мора што поголем дел од материјалот што го користиме да биде рециклиран. Затоа сега како подлога користиме банери од УЕФА или од клубови. Го кроиме тоа, го лепиме дресот на него и торбата е речиси целосно рециклирана“, појасни Павиќ.

    Освен торби во разни големини, во „Депакон“ се прават и качкети и рибарски капи, поретко јакни и кошули, зашто, како што кажа Павиќ, за нив треба многу подготовка.

    Освен торби, „Депакон“ прави и качкети од дресови (Фото: Н. Батев)

    Бидејќи дресовите имаат комерцијална вредност која ја крева цената на производите, „Депакон“ почна да прави и торби од банери од стадиони.

    „Тоа е потрошен материјал што се отпишува и фактички, на нешто што нема вредност ние можеме да му дадеме вредност. Гледаме дека има побарувачка, па сакаме и да излеземе од спортскиот свет и да користиме банери што биле на некои фестивали, на пример. Следната година тие можат да продаваат торби што се направени од банери од претходниот фестивал“, вели Павиќ.

    Торби направени од дресови на францускиот фудбалски клуб Ница (Фото: Н. Батев)

    Холандија е главниот партнер и клиент на „Депакон“, оттаму доаѓа најголемиот дел од дресовите.

    „Ние работиме преку ‘ФЦ 88‘, која е во контакт со клубови и познава луѓе. Така од Фиорентина добивме 1.600 дресови. Не можеме ние како македонска фирма да одиме во Милан и да кажеме: ‘Слушајте, дајте ни ваши дресови‘. Тоа бара голема доверба. Тие не ја знаат Македонија како држава и се плашат да не се украдат тие дресови. Затоа во почетокот бевме многу строги, имавме договори и со царина и со превозници. Формиравме систем за да можеме да гарантираме за робата што ни доаѓа. И сега веќе има повеќе доверба“, кажа Павиќ.

    Покрај Холандија, производи на „Депакон“ оделе директно и за Италија, Англија, Саудиска Арабија…, некои од нив биле и мали проекти, од 10-20 парчиња.

    А, колку дресови се потребни за да се направи еден производ, зависи од неговата големина.

    „Торба за лаптоп се прави од еден дрес. За некои поголеми торби требаат два и пол дреса, за капчињата оди еден дрес. Тоа што ќе остане како отпад го чуваме во една гаража. Не сакаме утре да излезе во вести дека дресови од Јувентус завршиле на отпад во Македонија“.

    Производите на „Депакон“ не се продаваат во Македонија, а може да произведува и над 3.000 парчиња месечно (Фото: Н. Батев)

    Покрај фудбал, „Депакон“ почна да се шири и во други спортови.

    „Работиме и со велосипедизам, во Холандија и со брзо лизгање. Таму направивме една многу убава колекција од тие одела за лизгање. Формула 1 и воопшто автомото индустријата се многу интересни зашто таму се вртат многу спонзорства“, кажа Павиќ.

    Тој најави дека производи на „Депакон“ треба да се појават на тековното Светско фудбалско првенство во САД, Канада и Мексико.

    „Направивме една многу добра колекција, тоа е шанса за голема промоција за нас. Се надевам дека тука ќе можеме да го прошириме тој програм во повеќе фудбалски федерации“, рече Павиќ.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира