СКОПСКО ЛЕТО ПОЧНУВА НА 21 ЈУНИ СО ИЗЛОЖБА НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ И КОНЦЕРТОТ „АМАНЕТ ВО СВИЛА“

    СКОПСКО ЛЕТО ПОЧНУВА НА 21 ЈУНИ СО ИЗЛОЖБА НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ И КОНЦЕРТОТ „АМАНЕТ ВО СВИЛА“Изложбата и концертот ќе се одржат во Музејот на македонската борба. (Фото: Скопско лето)

    Четириесет и седмото издание на Скопско лето ќе се отвори на 21 јуни со изложба и концерт. Во 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се отвори  изложбата „75 години Државен архив на Република Северна Македонија“.

    Од Архивот велат дека на 16 паноа прикажани се документи кои говорат за историјата на Македонија во османлискиот период, историја на секојдневниот живот, за Македонците кои живеат во дијаспората, културниот живот во 20. век. Автори на изложбата се м-р Марјан Гијовски, Блерта Емини, Дора Јурукова, д-р Јасмина Дамјановска и м-р Јован Стојановски.

    Меѓу документите кои се изложени на паноата се ферман, берат, вакафнаме, пасош, тапии, Устројство на Македонското востание од 1878 , фотографија од чета, плаката за претстава во Народен театар, фотографии од фондот Манаки, свидетелство за завршено образование, дозвола за стапување во брак, студентска легитимација од 1935 , возачка дозвола од 1935 ,  објава за фудбалски натрпевар. Ќе има и фотографии и документи од Првото заседание на АСНОМ, Декларација за признавање на Република Македонија, фотографии од спортски настани и паради, документи за формирање на Министерство за иселеништво.

    По изложбата, ќе се одржи концертот „Аманет во свила: Звуците на Македонија од Византија до денес“ на Камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ и солистот Петар Христов (лира, уд, лаута, дудук, Г-кларинет). Гости на концертот се Ана Митовска (вокал, ксантур), Горан Трајковски (вокал), Гоце Ристовски (вокал, тамбура), Симон Облешевски (вокал, удиралки) и Александар Ицковски (виолончело, кларинет).

    Членови на Оркестарот „Полифонија“ се Сања Шуплевска (виолина), Ирена Костовска (виолина), Гоце Вангеловски (виолина) и Филип Георгиев (виола). Овој проект е авторски проект на мултиинструменталистот Петар Христов, со аранжмани на Александар Ицковски.

    „Ова е настан кој низ 17 композиции ги спојува византиското наследство, ориенталните влијанија и современиот музички израз“, велат од „Полифонија“.

    На програмата се дела како „Свети Боже“, „Развивај горо зелена“, „Псалм 118“, „Псалм 120“, „Што ми е лепо и убоо“ и „Гласот на Византија“.

    Скопско лето се одржува до 30 јули, а го организира Дирекцијата за култура и уметност Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира