Македонски граѓанин се заразил со вирусот зика откако бил каснат од комарец на Малдиви, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), додавајќи дека ова е прв регистриран случај на зика вирусна инфекција во Македонија. Институтот за јавно здравје апелира до граѓаните кои ќе развијат симптоми по убод од комарец, особено покачена температура, главоболка, осип или невролошки симптоми, особено ако се вратиле од патување во тропски и субтропски дестинации, веднаш да побараат лекарска помош.
На 17 јуни, Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ бил информиран од Одделението за вирусологија при ИЈЗ дека имаат позитивен наод на зика вирусна инфекција. Пациентот е контактиран од надлежен епидемиолог при што се предложени соодветни превентивни мерки. Изготвена е епидемиолошка анкета за заболеното лице, поднесена е пријава за изолиран/на друг начин докажан причинител на заразна болест, апроведена е дезинсекција по епидемиолошка индикација во околината на местото на живеење на заболеното лице и даден е совет за превенција од сексуална трансмија на болеста.
Според добиените епидемиолошки податоци, заболеното лице во периодот од 20-28 мај престојувало на Малдиви. За време на престојот, пациентот дава податок за каснување од комарец. Веднаш по враќањето се јавил на преглед на Клиниката за инфективни болести каде било поставено сомневање за денга.
„Првите знаци на болеста се јавиле на 24.05.2026 година со треска, болки по телото-мускулите и зглобовите, лесно покачена температура, за подоцна по четири дена да се појави и ситен, густ осип. Пациентот бил прегледан на Инфективната клиника, а направени се и лабораториски испитувања за денга, зика и чикунгуња во Одделението за вирусологија при ИЈЗ. Согласно резултатите од микробиолошкото испитување, добиен е позитивен серолошки и молекуларен наод за зика. Пациентот не бил хоспитализиран, пратен на домашно лекување и во моментот е во добра општа состојба“, соопшти ИЈЗ.
Зика вирусната болест е акутна вирусна инфекција предизвикана од вирусот зика, арбовирус од родот Flavivirus и фамилијата Flaviviridae.
Болеста најчесто се пренесува преку убод од инфицирани комарци од родот Aedes, кои се активни претежно во текот на денот, најзастапени во тропските и суптропските региони, но можно е пренесување и по сексуален пат, вертикално од мајка на плодот за време на бременоста, како и преку трансфузија на крв.
Вирусот првпат беше идентификуван во Уганда во 1947 година кај мајмун од расата резус макаки, по што инфекции биле докажани и во други африкански земји во 1950-тите. Од 1960-тите до 1980-тите, спорадични хумани инфекции биле откриени низ Африка и Азија, а од 2007 година, епидемии на болеста предизвикана од вирусот зика се регистрирани во Африка, Америка, Азија и Пацификот.
Случаите на болеста предизвикана од вирусот зика се намалија на глобално ниво од 2017 година, но преносот продолжува на ниски нивоа во неколку земји во Америка и во некои земји во Азија и Африка, каде што се документирани и спорадични епидемии.
Инкубацијата на болеста вообичаено трае 3-14 дена. Клиничката слика воглавно е лесна и се карактеризира со симптоми кои вообичаено траат 2-7 дена, иако најголем процент од инфицираните лица (окулу 80%) не развиваат симптоми. Од симптоми најчесто се јавуваат: осип, покачена телесна температура, конјунктивитис, главоболка, мијалгии и артралгии.
Лекувањето на болеста е симтоматско, не постои специфичен лек ниту пак вакцина за превенција на болеста.
Иако станува збор за импортиран случај, поради интензивниот меѓународон транспорт и се поголемите трендови за патувања во тропски туристички дестинации како Малдивите, Тајланд, Индонезија, Бразил, Карибскиот регион и други подрачја каде што има документирана циркулација на вирусот Зика, реално постои можност за појава на нови импортирани случаи. Дополнителен фактор на ризик претставува широката распространетост на комарецот Aedes albopictus (азиски тигрест комарец) во повеќе европски земји, кој е потенцијален вектор за пренос на вирусот зика.
„Постои можност за понатамошно пријавување на нови случаи во периодот на активност на комарците за лицата кои патуваат во зафатените региони и ризикот за овие лица се проценува како низок до среден. Ризикот за населението во Македонијаво моментов се оценува како низок. Ризикот може значително да се намали со спроведување на препорачаните превентивни мерки за заштита од убоди од комарци и придржувањето кон препорачаните превентивните мерки и совети“, ИЈЗ.



