ЈАВНОСТА НЕ ТРЕБА ДА ДОЗНАВА ПОСЛЕДНА ЗА ДАТА-ЦЕНТРИТЕ, ВЕЛИ СЛАВНАТА ЕКОАКТИВИСТКА ЕРИН БРОКОВИЧ КОЈА СОЗДАДЕ ПЛАТФОРМА ЗА БИТКА ПРОТИВ ПОСТРОЈКИТЕ ВО САД

    ЈАВНОСТА НЕ ТРЕБА ДА ДОЗНАВА ПОСЛЕДНА ЗА ДАТА-ЦЕНТРИТЕ, ВЕЛИ СЛАВНАТА ЕКОАКТИВИСТКА ЕРИН БРОКОВИЧ КОЈА СОЗДАДЕ ПЛАТФОРМА ЗА БИТКА ПРОТИВ ПОСТРОЈКИТЕ ВО САДБрокович ја лансира онлајн платформа „Брокович дата-центар“ која собира информации за планирани и тековни проекти за изградба на дата-центри и ги прикажува на интерактивна карта во САД. (Фото: ДВ)

    Глобалниот бум на изградба на дата-центри предизвикува сè посилен отпор – а во првите редови сега застана и американската активистка Ерин Брокович. Позната по борбите за заштита на животната средина, таа покрена нова иницијатива насочена кон следење на експанзијата на овие објекти.

    Шеесет и петгодишната Брокович, која стана светски позната преку холивудскиот филм со Џулија Робертс, ја лансира онлајн платформата „Брокович дата-центар“ (Brockovich Data Center). Таа собира информации за планирани и тековни проекти за изградба на дата-центри и ги прикажува на интерактивна карта во САД.

    „Оваа карта ги прикажува вистинските траги од оваа трка – и открива модели на раст, конфликти и неизвесност“, вели Брокович. Од стартот во април 2026, платформата добила илјадници дојави. Целта е, според неа, граѓаните да добијат глас и навремено да бидат информирани. „Јавноста не треба да дознава последна“.

    Еден дата-центар може да троши енергија колку мал град, во некои делови од светот, како во Индија, изградбата на дата-центри доведува до недостиг на вода, а локалните жители сведочат дека имаат пристап до вода само неколку часа дневно. Дополнително, брзото застарување на опремата создава големи количини електронски отпад. (Фото: ДВ)

    Иако дата-центрите постојат со децении, големите технолошки компании драматично ја забрзаа нивната изградба. Побарувачката расте паралелно со развојот на вештачката интелигенција, клауд-услуги и дигиталните платформи. Критичарите предупредуваат на сериозни последици. Најголем проблем, според нив, е огромната потрошувачка на енергија и вода.

    За функционирање и ладење на серверите потребни се значителни ресурси, а според невладината организација „Алгоритамвоч“ (Algorithmwatch), една ваква постројка може да троши енергија колку мал град. Во некои делови од светот, како во Индија, изградбата на дата-центри доведува до недостиг на вода. Локалните жители сведочат дека имаат пристап до вода само неколку часа дневно. Дополнително, брзото застарување на опремата создава големи количини електронски отпад.

    Брокович предупредува и на бучавата што ја создаваат овие објекти, што влијае врз луѓето и животните. Економската корист исто така е спорна. Иако инвестициите достигнуваат милијарди, бројот на нови работни места е ограничен. И покрај нивната големина, дата центрите обично вработуваат помалку од 100 луѓе.

    Во Македонија, Владата на премиерот Христијан Мицкоски најави дека странски компаии се заинтересирани за градење дата-центри. По големите реакции против дата-центрите Мицкоски на 14 јуни изјави: „Откако излезе оваа вест, забележувам хистерија кај одредена група на луѓе, која има за цел да создаде хистерија во општеството и потоа сите да веруваме дека таа хистерија е точна. Јас сум професор. Сигурно на тие кои ја предизвикуваат таа хистерија не им е повеќе за оваа држава и граѓани, отколку мене како техничко лице, барем исто. Е сега ако е исто, и ако главните пораки од овогодишниот Светски бизнис-форум во Давос беа вештачка интелигенција, а секој инженер знае дека мора да има податочни центри за да функционира таа вештачка интелигенција, а за тие да функционираат мора да има електрична енергија. Ако светот својот развој во иднина го темели на тоа, како влада не можеме да се помириме со фактот дека таа мала група на луѓе која создава хистерија, ќе се обиде повторно да го попречи развојот на државата. Франција е лидер во инвестиции во вештачка интелигенција и во податочни центри. Во 2024 или 2025 година, не ме фаќајте за збор, околу 70 милијарди евра се инвестирани во Франција. Америка, главните два столба на кои го темели растот на економијата е токму на современата технологија – вештачката интелигенција и податочните центри“,

    Министерството за транспорт пак рече дека „противењето на дата-центрите е противење на развојот“ и оти „изградбата на дата-центри подразбира исполнување на строги законски и технички стандарди како и изработка на сите потребни студии“.

    Најголемиот број дата центри се наоѓаат во САД – околу 5.400, далеку повеќе од која било друга земја. Следуваат Германија, Обединетото Кралство, Кина, Канада, Франција, Австралија, Холандија и Русија.

    Во светот се планира изградба на илјадници нови објекти, најчесто во рурални региони. Особено се издвојува Источна Азија, каде Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Тајван интензивно инвестираат. Истовремено, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Катар го прошируваат секторот, додека во Германија фокусот е на регионот Франкфурт.

    Платформата на Брокович бележи и случаи на мораториуми – привремени запирања на проекти за да се проценат нивните последици. Такви мерки се регистрирани во повеќе американски сојузни држави. Но тие не секогаш се успешни. Во државата Мејн, парламентот изгласа мораториум за дата-центри над 20 мегавати, но гувернерката го блокираше со вето.

    Слични отпори постојат и во други делови од светот. Во Ирска и Холандија темата е предмет на јавна дебата, додека во Чиле е успешно спречена изградба на дата центар за вештачка интелигенција. Во Бразил се формира отпор, особено во североисточниот дел.

    Слични трендови се забележуваат и во Германија. Американската компанија „Еџконекс“ се откажа од изградба на гасна централа поврзана со дата-центар поради противење од локалното население.„Алгоритамвоч“ предупредува дека локалната заедница често не е навремено информирана за вакви проекти. Во некои случаи, дури и градоначалници дознавале за нив преку медиумите.

    Во тој контекст, интерактивната карта на Брокович има потенцијал да донесе поголема транспарентност и навремено информирање – барем во САД.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира