ДРЖАВНИОТ ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОРАТ ЌЕ ИЗВРШИ НАДЗОР ПО НАВОДИТЕ НА РОДИТЕЛИТЕ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ЛОЗОВО И КОНЧЕ ДЕКА ТИЕ ЌЕ ПОВТОРУВААТ ГОДИНА ОД ЕТНИЧКИ И ПОЛИТИЧКИ ПРИЧИНИ

    ДРЖАВНИОТ ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОРАТ ЌЕ ИЗВРШИ НАДЗОР ПО НАВОДИТЕ НА РОДИТЕЛИТЕ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ЛОЗОВО И КОНЧЕ ДЕКА ТИЕ ЌЕ ПОВТОРУВААТ ГОДИНА ОД ЕТНИЧКИ И ПОЛИТИЧКИ ПРИЧИНИ11 ученици од ОУ „Гоце Делчев“ во Конче не ја завршиле успешно учебната година (Фото: СДК.МК)

    Државниот просветен инспекторат ќе изврши вонредна контрола во училиштата во Лозово и Конче, каде што минатата недела, по завршувањето на учебната година, имаше реакциии од родители чии деца, според нив, неоправдано ќе мора да го повторуваат одделението, поради етнички и политички причини.

    Во Лозово се работи за петмина ученици, од кои еден е од македонска националност, а останатите од турска и албанска националност. Родителот кој јавно изнесе обвинувања за дискриминација рече дека неговото дете-деветтоодделенец ќе повторува со три единици и му се срушил сонот да се запише во средно музичко училиште само поради тоа што неговиот родител за време на изборите не дал поддршка на советничката листа на директорот.

    Во Конче станува збор за 11-мина ученици од шесто до осмо одделение, од кои деветмина биле од турска, а двајца од македонска националност. Родителите обвинуваат дека имало и повеќе повторувачи, но на крајот, оценките им биле поправени на некои, а останале само нивните деца со три и повеќе единици. Ако се поправаат оценките на едни, нека се поправат и на другите, бараат родителите. Во спротивно, најавија дека наесен нема да ги пуштат на школо.

    Директорите на двете училишта ги отфрлија ваквите обвинувања, посебно за наводните етнички причини и велат дека настојувале во нивните училишта да нема такви разлики, туку напротив, со мешани паралелки сакале да градат соживот. Додаваат дека успехот се заснова на знаењето и немањето волја на учениците нешто да научат, па дури некои не знаеле да си го напишат името. Незаинтересирани биле и родителите, кои ги бојкотирале родителските средби во текот на учебната година.

    Денешниот вонреден надзор на Просветниот инспекторат во петокот го најави министерската за образование и наука Весна Јаневска, која кажа дека не може да се суди врз основа на изјави, туку мора инспекторатот да направи контрола во двете училишта, да се проверат фактите, да се споредат со Е-дневникот и да се преиспитаат сите записници и извештаи од наставничките совети.

    Обвинувањата на родителите беа отфрлени од раководството на ОУ „Гоце Делчев“ во Конче со образложение дека се работи за објективно оценување на наставниците, чии оценки биле потврдени на наставничкиот совет и дека по жалба на родителите била донесена конечна одлука за ваквиот успех на учениците.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира