РОДИТЕЛИТЕ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД КОНЧЕ КОИ ТРЕБА ДА ЈА ПОВТОРАТ ГОДИНАТА НАЈАВИЈА ДЕКА НАЕСЕН НЕМА ДА ГИ ПРАЌААТ НА ШКОЛО, ТВРДАТ ДЕКА ИМАЛО ДИСКРИМИНАЦИЈА

    РОДИТЕЛИТЕ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД КОНЧЕ КОИ ТРЕБА ДА ЈА ПОВТОРАТ ГОДИНАТА НАЈАВИЈА ДЕКА НАЕСЕН НЕМА ДА ГИ ПРАЌААТ НА ШКОЛО, ТВРДАТ ДЕКА ИМАЛО ДИСКРИМИНАЦИЈАРодители на ученици во ОУ „Гоце Делчев“ протестираа поради повторувањето на нивните деца (Фото: СДК.МК)

    Од 200 ученици во ООУ „Гоце Делчев“ во Општина Конче, 11 треба да ја повторат годината поради три или повеќе единици. Тоа се ученици од шесто до осмо одделение.

    Но, родителите на дел од овие ученици се собраа пред зградата на училиштето и најавија дека нема да ги пуштат нивните деца да одат на училиште наесен како повторувачи затоа што во случајот имало и дискриминација. Од 11-те повторувачи, девет биле од турска националност. а двајца се Македонци. Исто така, како што велат родителите, наставничкиот совет се одржал без присуство на директорот на училиштето Горјан Трајков, на кого најмногу му забележуваат

    Тој ги отфрла ваквите обвинувања и забелешки, велејќи дека целото училиште и целиот наставнички колегиум најмногу внимаваат на овој национален сегмент, односно училиштето и наставничкиот совет работат врз основа на Законот за образование и сите одлуки се донесени на состаноците на наставничкиот совет, на кои редовно присустувал и тој како директор.

    „За да нема никакви делби во наставата, направивме мешани паралелки. Се работи за ученици од кои некои биле нередовни на настава, а други воопшто не се труделе нешто да научат и биле со слабо поведение. Наставниците применувале разни начини и методи за советување на учениците, па организирале и бесплатни дополнителни часови, за кои речиси и да немало интерес. Меѓу повторувачите има ученик со единици по сите 12 предмети. Единици ставале и наставниците кои ја изведуваат наставата на турски јазик“, вели Трајков.

    Според директорот на училиштето, за незадоволните родители во текот на школската година закажувале родителски средби, а токму родителите кои сега најмногу реагираат ги бојкотирале ваквите средби, па дури од нив добивале разни закани. Дури имало обид за поткуп на една одделенска раководителка, на која ѝ бил понуден ваучер од 100 евра за да ги поправи оценките, што таа го одбила.

    На конечната одлука на наставничкиот совет во однос на повторувачите имало писмени жалби од незадоволните родители, но комисијата за жалби не ја променила одлуката, со заклучок дека оценките се конечни.

    На собирот на родителите беше кажано дека на ваква реакција се одлучиле откако дознале дека имало реакции и во основното училиште во Лозово.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира