На националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk регистрирани се 266.000 корисници, а поднесени се 340.000 барања, кажа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на прес-конференција за двегодишниот мандат.
„Кога започнавме, наследивме тешка состојба: супстандардни услови за работа, дезорганизирани процеси, тужби, нефункционални системи, блокирани проекти, долг кон програмата ‘Дигитална Европа‘, блокирани апликации и застој во дигитализацијата на услугите. Еден од најзначајните резултати е развојот на националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk. Бројот на електронски услуги на порталот порасна од 120 во 2024 година на 352 во 2026. Месечниот број издадени услуги се зголеми од 1.354 на 13.445, бројот на корисници од 110.000 на 266.000, а вкупниот број поднесени барања од 64.000 на над 340.000. Ова значи повеќе услуги без шалтер, без непотребни документи и без губење време“, рече Андоновски.
Министерот во отчетот ги претстави клучните приоритети преку кои се водеше дигиталната трансформација во изминатите две години.
„Првиот приоритет е Националниот портал за електронски услуги, чиј развој најдобро се гледа преку растот на бројот на услуги, корисници и поднесени барања. Вториот приоритет се центрите за услуги, чиј број се зголеми од 5 во 2024 година на 16 денес, со цел државата е поблиску и до граѓаните на кои им е потребна директна поддршка. Третиот приоритет е интероперабилноста, односно размената на податоци помеѓу институциите. Месечниот број трансакции преку Платформата за интероперабилност се зголеми од околу 708.000 на речиси четири милиони, што претставува раст од 460 проценти. Приоритет е и европската и реформската агенда. Досега се ослободени 31,7 милиони евра како поддршка за Македонија од Планот за раст само во делот на дигиталната трансформација. Тука е и процесот ‘Роаминг како дома‘. Министерството ги заврши сите домашни обврски за воведување пакети за роаминг со Европската Унија по цени исти како во домашните мрежи за интернет, повици и СМС-пораки“, рече Андоновски
Андоновски кажа дека се работи и на сајбербезбедноста. Државниот центар за одговор на сајберинциденти е примен во светската организација FIRST. Во оваа област се инвестирани два милиона евра во опрема, обука на професионалци и меѓународна соработка. Во истиот контекст, воспоставен е и механизам за блокирање нелегални приредувачи на игри на среќа онлајн, при што досега се забранети 358 нелегални приредувачи.



