Републиканскиот конгресмен Том Кин се врати на работа по 142 дена отсуство, за кое појасни дека се должело на депресија. Кин беше номиниран за трет мандат во Претставничкиот дом, иако со недели не се појавувал во Конгресот поради необјаснето боледување.
„Ми беше дијагностицирана депресија. Тоа е физичко и емотивно и сè додека не ја искусите сами, тешко е целосно да се разбере колку моќна може да биде оваа болест“ рече застапникот на Њу Џерси во Претставничкиот дом.
Тој во меѓувреме пропуштил повеќе од 140 гласања и многумина се прашуваа за неговото здравје.
„Пред неколку месеци отидов во болница на тестирање поради здравствени проблеми и не верував дека тоа ќе резултира со долгорочен престој. Откако ми беше поставена дијагнозата, лекарите ми препорачаа да останам во болница и ми објаснија дека тоа е најбрзиот начин за закрепнување. Кога луѓето го слушаат зборот депресија, многумина мислат дека едноставно значи чувство на тага. Но, депресијата е многу повеќе од тоа“, кажа Кин.
Тој претходно даде само нејасни одговори за неговото отсуство, опишувајќи го на социјалните мрежи како личен здравствен проблем.
Соработниците на Кин, од кои некои им кажаа на американските медиуми дека не ја знаат причината за неговото отсуство од Конгресот, рекоа дека тој е под лекарска нега.



