Судскиот совет ја избра судијката Даниела Димовска за претседателка на Основниот кривичен суд Скопје. Таа беше вршител на должноста на оваа позиција од 3 јули лани.
Оваа одлука доаѓа по спроведената постапка по јавен оглас, на кој покрај Димовска, како кандидат се пријави и судијата Ивица Стефановски.
Според Комисијата за избор, двајцата кандидати ги поминале сите предвидени фази на проверка, вклучително интервјуата и тестирањата, при што нивните кандидатури биле уредни.
Членовите на Судскиот совет кои ја поддржаа Димовска рекоа дека го вреднуваат нејзиниот акциски план, визионерскиот пристап во раководењето, како и заложбата за зголемување на независноста и транспарентноста на судот.
Дополнително, како аргумент за нејзиниот избор беа земени и резултатите што ги постигнала во изминатата година, додека ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на овој суд.



