„Приказната за Силјан“, третиот документарец на Тамара Котевска, доби две номинации за американската ТВ-награда Еми. Филмот доби номинација за Исклучителни достигнувања во документарното филмско творештво и за Извонредна камера за документарна програма за кинематограферот Жан Дакар.
За првата номинација „Силјан“ е во конкуренција со документарецот „Библиотекарите“ на „Пи-Би-Ес“, а за втората со „Мајка ми Џејн: Филм на Мариска Харгитеј“, „Океанот со Дејвид Атенборо“, „Тучи во Италија“ и „Убиствата во продавницата за јогурт“.
Американската серија „Пит“, води со 25 номинации, меѓу кои и за најдобра драмска серија, а следи „Трикови“ која постави нов рекорд за комедија со 24 номинации. 78. доделување на наградите Еми ќе се одржи на 14 септември во Лос Анџелес.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал во 2025, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. Беше македонски кандодат за Оскар во категоријата за Најдобар странски филм, а имаше квалификација и за категоријата Најдобар документарец, но не доби номинација. „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември 2025 ја имаше американската кинопремиера во Њујорк, а од јануари годинава играше и во кината низ Македонија.
Филмот освои и неколку значајни награди, а уште се прикажува на филмските фестивали. Во јуни на фестивалот во Краков Полска ја освои наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари- ФИПРЕСЦИ.



