НИШТО НЕ Е СПРОВЕДЕНО ЗА ЗАШТИТА, УНЕСКО ПОВТОРНО ПРЕДЛАГА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ДА БИДЕ ВПИШАН НА ЛИСТАТА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ

    НИШТО НЕ Е СПРОВЕДЕНО ЗА ЗАШТИТА, УНЕСКО ПОВТОРНО ПРЕДЛАГА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ДА БИДЕ ВПИШАН НА ЛИСТАТА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТНапредокот е недоволен и заканите се сериозни, главните ризици не се отстранети, вели Комитетот, а конечната одлука треба да ја донесе на 22 јули, во рамкитe на 48. сесија што од 19-29 јули ќе се одржи во Бусан, Јужна Кореја. (Фото: СДК.МК)

    „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион (Албанија, Северна Македонија) да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност“, се вели во најновата Нацрт-одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Конечната одлука Комитетот треба да ја донесе на 22 јули, во рамкитe на 48. сесија што од 19-29 јули ќе се одржи во Бусан, Јужна Кореја.

    Според образложението во нацрт-одлуката, Комитетот предлага Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност затоа што:

    Напредокот е недоволен и заканите се сериозни – Иако се признаваат одреден број позитивни чекори во двете држави, Комитетот оценува дека клучните препораки од претходните мисии и одлуки не се спроведени, а деградацијата на исклучителната универзална вредност продолжува.

    Главните ризици не се отстранети – Недоволната прекугранична координација, отсуството на сеопфатна Стратешка оцена на животната средина, нерешените проблеми со урбанизацијата и нелегалната градба, инфраструктурните проекти, како и бавното решавање на загадувањето и отпадните води, и понатаму сериозно го загрозуваат Охридскиот Регион.

    Исполнети се условите за впишување на Листата на светско наследство во опасност – Комитетот потсетува дека веќе неколку години предупредува на сериозните закани и оценува дека тие и понатаму ги исполнуваат критериумите за впишување на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност.

    Потребни се итни и координирани мерки – Од Македонија и Албанија се бара да изготват заеднички план со корективни мерки, јасни рокови и посакувана состојба на зачуваност, како основа за идно отстранување на регионот од Листата на светско наследство во опасност.

    Во анализата на извештаите од 2026 на Центарот за светско наследство и советодавните тела, се оценува дека поради ограничениот напредок и континуираните закани, сè уште се исполнети условите Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, со цел да се поттикнат поодлучни мерки за негова заштита.

    Природното и културното наследство на Охридскиот Регион е прогласено за светско наследство на третата седница на УНЕСКО во 1979 година. Во 2019, ова подрачје е проширено за да го вклучи и албанскиот дел од езерото, и со тоа стана меѓудржавно светско наследство.

    Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и лани, на 47. сесија, во Нацрт-одлуката предложи Охридскиот Регион да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност. Но Владата поднесе амандман да се повлече таа одлука, и УНЕСКО им додели уште една година грејс-период на Македонија и Албанија.

    Ова беше жестоко осудено од 40 организации од Македонија, Албанија и други земји од Европа кои обвинија дека Комитетот повторно ги игнорирал препораките на експертите.

    „УНЕСКО ги изневери сопствените принципи и го награди непочитувањето на конвенцијата за светско наследство“, кажаа тогаш 40-те организации.

    Граѓанските активисти и годинава побараа Комитетот на УНЕСКО треба да го стави Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност за да добие поголема заштита.

    Откако Македонија и Албанија пред рокот на 1 февруари го испратија извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО за преземените мерки за заштита на Охрид и Охридското Езеро, на 9 февруари во дводневна работна посета на Париз на средби со раководството на УНЕСКО беше владина делегација со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и министерите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за култура и туризам Зоран Љутков и за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, како и градоначалниците на Охрид и Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира, за да „бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион“.

    Заклучно со 2021 година, во Македонија има две места на светско наследство кое е впишано во списокот на УНЕСКО – Охридскиот Регион, поречието на Длабока Река, и уште четири на опитниот список.

    Поречието на Длабока Река во Мавровско е прогласено за природно наследство во јули 2021. Од 2004 на опитниот список како природно наследство се Пештера Слатински Извор кај Македонски Брод, Маркови Кули кај Прилеп, како културно наследство од 2009 е Археоастрономско наоѓалиште Кокино кај Старо Нагоричане, а од 2020 црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново кај Ресен. Согласно правилата, некое место пред да се најде на списокот на светско наследство мора прво да е вклучено во опитниот список.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира