Фотографии стари 19 години добија нова тежина откако Аргентина и Шпанија се пласираа во финалето на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
На серија фотографии што првпат се проширија на интернет во јуни 2024, за време на Европското првенство во Германија, 20-годишниот Меси го држи и бања петмесечното бебе Ламин Јамал, кои денес се најголемите ѕвезди во репрезентациите кои се финалисти на СП.
Заборавените фотографии се појавија во јавност откако таткото на Јамал ги објави на Инстаграм, со текст „Почетокот на две легенди“. Фотографиите ги снимил Хоан Монфорт, кој работи како повремен фотограф за новинската агенција „АП“.

Фотографиите првпат се проширија на интернет во јуни 2024, за време на Европското првенство во Германија (Фото: АП)
„До снимањето дојде откако УНИЦЕФ организираше лотарија во градот Матаро, каде што живееше семејството на Ламин. Тие се пријавија за лотаријата која нудеше фотографирање со играч на Барселона на ‘Камп ноу‘. И победија“, раскажа Монфорт, додавајќи дека Меси бил доста срамежлив на фотосесијата.
Јамал е роден во Каталонија во 2007. Неговиот татко е од Мароко, а мајка му од Екваторијална Гвинеја. Кога имал седум години, се преселиле во Барселона, каде што почнал да игра фудбал. Откако заигра за Барселона, Јамал собори неколку рекорди на Меси, како најмлад стартер и стрелец во историјата на клубот и најмлад стрелец во шпанското првенство.
Тие, сепак, немаа можност да играат заедно: Меси се пресели во ПСЖ во 2021, а Јамал дебитираше за првиот тим на Барселона во август 2023. Финалето на 19 јули ќе биде нивниот прв меѓусебен дуел и заокружување на една приказна која почна пред 19 години.



