Општините во периодот од 2020 до 2024 година акумулирале 2,9 милијарди денари (околу 47,7 милиони евра) ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и надоместоци, а во истиот период извршиле отпис на 233,8 милиони денари (околу 3,8 милиони евра), покажа ревизијата на успешност на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Ревизорите утврдија дека над 67 проценти од ненаплатениот данок на имот е постар од пет години, што укажува на слаб фискален залог и несоодветно користење на механизмите за присилна наплата.
Методологијата за пресметка на пазарната вредност на објектите е застарена и не ги опфаќа новите видови градежни материјали и објекти, а цените со кои се утврдува даночната основа не се ажурирани со години. Само 15 општини досега спровеле ревизија на пазарната вредност на имотот. Во однос на комуналните такси, само три од вкупно осум предвидени такси се наплаќаат во повеќе од половина од општините.
Проблем во администрирањето претставуваат и нецелосните регистри на недвижности, кадровската непополнетост во даночните одделенија, како и недоволната координација меѓу институциите.
„Дополнително, несоодветно воспоставениот надзор на централни и локално ниво, со само еден инспектор од страна на Управата за јавни приходи и само 16 даночни инспектори во сите општини, кои вршат проверка дали обврзниците ја пријавиле својата обврска за данок или комунална такса, а немаат надлежност да изрекуваат глоби, не е ефикасен“, се вели во извештајот на ДЗР.
Анализата на ДЗР покажува дека руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер-Сандево, имаат значително послаб фискален капацитет во споредба со градските средини. Највисок фискален капацитет има Градот Скопје со 91,31 процент, додека на дното е општина Зрновци со 10,14 проценти.



