ЗАБОРАВЕНА Е ЕДИНСТВЕНАТА ГЕНЕРАЦИЈА УЧИТЕЛИ ОБРАЗУВАНИ ВО ВЕЛЕШКАТА ГИМНАЗИЈА ВО 1964

    ЗАБОРАВЕНА Е ЕДИНСТВЕНАТА ГЕНЕРАЦИЈА УЧИТЕЛИ ОБРАЗУВАНИ ВО ВЕЛЕШКАТА ГИМНАЗИЈА ВО 1964Во гимназијата „Кочо Рацин“, најстарата средношколска институција во Македонија, во 1960 за прв и едниствен па била формирана педагошка паралелка со ученици од целото Повардарие. (Фото: Архивска фотографија)

    Во 1960 година, во велешката гимназија „Кочо Рацин“ за првпат од постоењето на најстарата среднообразовна институција во Македонија била формирана педагошка паралелка. Овој податок е малку познат, но повторно оживеа благодарение на сеќавањата на тогашните ученици, денес пензионери, меѓу кои и Трајко Јанев.

    „Се запишавме во 1960 година. Мислам дека имаше пет паралелки. Јас веќе имав завршено прва година во гимназијата, но кога дознав дека се отвора педагошка паралелка, повторно се запишав во прва година. Во училиштата имаше многу наставници со несоодветно образование, а потребата од кадар беше голема, па затоа се формираше оваа паралелка. Веќе во втора година од пет паралелки останавме три, бидејќи имаше селекција. На крајот, во учебната 1963/64 година, матуриравме само две паралелки“, вели Јанев.

    По завршувањето на училиштето тој веднаш се вработил како учител. Првото работно место му било во велешкото село Бањица, тогаш големо село со многубројни ученици. Подоцна вонредно ја завршил Педагошката академија во Штип, а потоа работел во основното училиште „Гоце Делчев“ во Конче, Радовишко. Интересно е што директор таму бил подоцна познатиот велешки свештеник поп Глигор Лапевски, кој тогаш работел заедно со својата сопруга. Потоа Јанев бил наставник во велешкото село Водоврати, директор на училиштето во Иванковци, наставник во Башино Село, а работниот век го завршил во ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.

    Меѓу учениците од првата генерација бил и Иван Ване Донев, кој денес живее во Канада, но летово престојуваше во родниот Велес и ја раскажа својата приказна.

    „По завршувањето на осмолетката конкурирав за упис во Средното педагошко училиште во Скопје. Кога дојде време за тестирањето, ми рекоа дека нема да ме примат бидејќи се отвора педагошка паралелка во Велес и треба да се запишам таму. Кога поднесов документи во велешката гимназија, директорот Славко Николов ми рече дека не примаат ученици од Велес, бидејќи паралелките биле наменети за ученици од селата. Му кажав на татко ми, кој веднаш отиде кај тогашниот претседател на Општината Стојче Ивановски, со кого беа колеги уште од Талкова. Тој интервенирал кај директорот и така ме примија. По матурирањето веднаш се вработивме по селските училишта. По нашата генерација имаше уште прва, втора и трета година, но тие паралелки беа укинати и учениците беа префрлени во редовната гимназија. Само нашата генерација ја заврши педагошката насока“, вели Донев.

    Во четвртата година класни раководители им биле Божидар Ампов и Јоле Трајковски, а директор во текот на сите четири години бил Славко Николов, кој подоцна стана директор на Државниот архив – Одделение Велес. Од професорите најдобро ги паметат Љиљана Ставрева, која предавала француски јазик, и Јован Хаџи Ничев, професор по математика.

    „Јас и уште неколку соученици првично се запишавме во гимназијата. По три недели од почетокот на наставата директорот Славко Николов влезе во училницата и рече дека секој што сака да учи за учител може да се префрли во педагошката паралелка. Како деца, ги зедовме столчињата во раце и се преселивме во другата училница. Така започна нашето школување. Во класот бевме околу 30 ученици. Веднаш по матурирањето заминав на работа во селата Лисиче и Чашка, каде што работев 25 години. Едната паралелка изучуваше француски, а другата руски јазик“, кажува Мита Јовановска.

    Таа додава дека токму во педагошката паралелка го запознала својот животен сопатник Живко, со кого подоцна стапиле во брак.

    Низ разговорите со поранешните ученици постепено се прошируваше кругот на некогашните соученици, подоцна наставници, кои биле дел од првата и единствена генерација што се школувала во педагошката паралелка при велешката гимназија. Секој од нив откриваше по некој настан, спомен или епизода од школските денови, вредни да се забележат и сочуваат како дел од историјата на градот.

    „Во паралелките учеа ученици од целото Повардарие, од Кавадарци, Неготино, Гевгелија и од други места. Запишувањето беше интересно. Останале слободни места, па директорот ни рече: Кој сака, нека оди во тие училници. Ние, како деца од 14-15 години, ги земавме столчињата во раце и се преселивме таму. Така се запишавме. Професорите најчесто ни диктираа, бидејќи немаше учебници. Имавме и практична настава во основните училишта, каде што одржувавме часови по однапред подготвени методски единици“, вели Аспарух Аспарухов.

    Бидејќи не беше пронајдено таблото на матурантите од генерацијата 1963/64, за илустрација е искористена фотографија од нивната средба по повод 20-годишнината од матурата, снимена во дворот на матичната гимназија „Кочо Рацин“.

    Подоцна, во 1976 година, во гимназијата беше отворена и медицинска паралелка, која постоеше шест години.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира