Малиот остров Фавињана во Италија се надева дека блокбастерот „Одисеја“ на Кристофер Нолан ќе му помогне да привлече повеќе посетители, но истовремено сака да избегне да западне во замката на масовниот туризам.
По премиерата во јули, „Одисеја“ заработи повеќе од 264 милиони долари низ светот во првиот викенд од прикажувањето, што претставува најуспешно деби во кариерата на Нолан. Филмот ја прераскажува епската приказна на Хомер за патувањето на Одисеј кон својот дом по Тројанската војна.
Фавињана, најголемиот од Егадските Острови во Средоземното Море, се наоѓа на седум километри од западниот брег на Сицилија и во филмот ја претставува Итака, татковината на Одисеј. Замокот Кастело ди Санта Катерина, тврдина на врвот на највисокиот рид на Фавињана, во филмот е претставен како палатата на Одисеј.
Локалните власти сакаат поврзаноста со филмот на Нолан да ја претворат во трајна туристичка атракција за Фавињана, остров со околу 3.000 жители.
Со поддршка од Одделот за култура на Сицилија и „Јуниверзал пикчерс“, постојана изложба би можела да биде отворена уште во октомври во поранешната фабрика за преработка на туна „Флорио“, која служела како главно седиште на филмската продукција.
„Идејата е посетителите да можат да ги искусат различните фази од снимањето и да видат дел од костимите и опремата што биле користени во филмот“, изјави градоначалникот на Фавињана, Џузепе Пагото.
Локалните бизниси се надеваат на трендот што претвори бројни филмски локации во туристички жаришта, слично како што долгогодишната телевизиска серија „Инспектор Монталбано“ го поттикна туризмот долж југоисточниот брег на Сицилија.
„Веруваме дека цела западна Сицилија би можела да стане поатрактивна за американските посетители благодарение на ‘Одисеја’“, изјави Џакомо Инкарбона, претседател на локалното Здружение на хотелиери.
Филмскиот туризам станува сè поважен фактор во туристичката индустрија. Светската туристичка организација на Обединетите нации проценува дека дестинациите прикажани во хит-филмовите можат да го зголемат бројот на посетители за 25 до 40 отсто, додека консултантската компанија „Фјучр маркет инсајт“ прогнозира дека овој сектор би можел глобално да достигне вредност од речиси 157,5 милијарди долари до 2036.
Филмската екипа на „Одисеја“ поминала неколку месеци на островот, од крајот на 2024 до пролетта 2025, ангажирајќи околу 500 статисти и работници.
Пагото проценува дека снимањето придонело за локална потрошувачка во вредност од 1,15 до 2,3 милиони долари.



