Уредот за противвоздушна одбрана од комарци на кинеската компанија „Фотон матрикс“ влезе во фаза на масовно сериско производство и кон крајот на овој месец се очекува испорака на првите пратки, по завршувањето на кампањата за групно финансирање на платформата „Индигого“. Системот веќе е достапен и за директно купување преку официјалната интернет-страница на производителот.
Уредот соборува инсекти со помош на ласерски зрак во радиус од шест метри и покрива хоризонтално поле на скенирање од 90 степени. За откривање и следење на целите користи комбинација од лидар технологија, милиметарски радар и модул со вештачка интелигенција за визуелно препознавање. Системот детектира инсекти со големина од 2 до 20 милиметри кои се движат со брзина до еден метар во секунда.
На пазарот се понудени два модела. Верзијата со инфрацрвен ласер наменета за домашна употреба чини 988 долари, додека верзијата со син ласер за индустриски капацитети чини 1.088 долари. Од компанијата соопштуваат дека апаратот ги поминал сите строги безбедносни сертификати со кои се гарантира дека ласерскиот сноп не претставува опасност за човечките очи, домашните миленици или птиците што ќе прелетаат низ неговиот опсег.
Комарците со векови претставуваат сериозна закана за јавното здравје како преносители на болести. За разлика од хемиските пестициди кои имаат негативни последици врз здравјето на луѓето и животната средина, ласерскиот систем претставува алтернатива без штетни хемикалии, со дејство ограничено исклучиво на просторот каде што е поставен. Доколку ја потврди ефикасноста и при независни тестирања во реални услови, системот би можел да најде значајна примена во домовите и болниците.



