Пратеникот од коалицијата на СДСМ Павле Богоевски на собраниската говорница покажа копија од документ – сметка од мобилен, за која тој вели дека е од службениот премиерски телефон на Никола Груевски, и според која, само за разговори од странство, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потрошил три илјади евра. Сметката, според Богоевски, била стигната на адресата на Владата, чии служби треба да ја платат од државниот буџет.
„Од службениот премиерски телефон, што го плаќа Владата, во периодот од први март до први април 2017 година, направена е сметка над 184 илјади денари за роаминг. Дали тоа значи дека државата ги плаќа координациите колеги од ВМРО-ДПМНЕ што ви ги правеше Никола Груевски од Малта за циркузот тука?“, праша Богоевски од пратеничката говорница.
САКАМДАКАЖАМ.МК не можеше од свои извори да ја потврди вистинитоста на документот што го покажа Богоевски.
Оваа информација го затече претседатевачот на седницата Трајко Велјаноски, кој апелираше:
„Колеги пратеници ве молам, да бидеме коректни, процедуралните забелешки да не ги користиме за други работи што не се тема на седницата. Ако имате податоци за некакви сметки, обратете се во Владата. Сега ние овде и за прашања за Владата ли ќе решаваме“, рече Вељаноски.
Богоевски апелираше: „Не е фер колеги. Многу пари ја чиниме оваа држава. Секој ден ова чини по 20 илјади евра. Ќе ве замолам да се откажете од збор и да продолжиме да работиме. А ако сакате дебата, дајте по 24 часа да работиме“.
С. К. ДЕЛЕВСКА