Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ за неколку години падна од второ на седмо место на ранг листата на Шангајскиот универзитет на која се рангирани 19 високообразовни институции во Македонија. Пред него се: на прво место Скопскиот универзитет, на второ Штипскиот, на трето универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид, Тетовскиот универизтет, па Американскиот колеџ и „Балкан Универзитетот“ од Скопје. Оваа листа, Шангајскиот универзитет ја прави на барање на македонското Министерство за образование.
За ваквиот пад во рангирањето на универизтетот со реакција се огласи ЛДП, критикувајќи го третманот што државата го има кон битолскиот универизтет, фаворизираат други универзитети.
„Пред доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ и пред спроведувањето на нивната погубна политика наречена ‘универзитет во секое село’, Битолскиот универзитет беше второрангиран,а во учебната 2015/16 се наоѓа на седмо место,зад Скопскиот, Штипскиот, Охридскиот, Тетовскиот и два приватни универзитети. На овој начин УКЛО е доведен во ситуација одделни факултети да бараат издвојување од Битолскиот и приклучување кон другите универзитети, подобро финансирани и во секој поглед фаворизирани од власта“, изјави Јован Налбанти од ЛДП.
Ректорската управа од Битолскиот универзитет побара повлекување на објавената ранг листа и нејзини преиспитување и корегирање врз основа на објективни критериуми содржани во однапред позната методологија на сите ученици во рангирањето, во функција на транспрентен и објективен процес со обезбедена контрола на квалитетот на резултатите.
Во заклучокот што Ректорската управа го достави до медиумите се вели дека констатирале непочитување на Берлинските принципи во рангирањето на високообразованите институции, како и неможност за приговор како уставно загарантирано право за заштита.
Ректорската управа смета дека универзитетот во Битола со постигнатите резултати што се темелат на повеќе децениска традиција дал значаен придонес врз севкупниот едукативен, научен, општествен економски и културен развој на државата, па сметаат дека објавената ранг листа не ја отсликува реалната состојба на универзитетите во Македонија. (Ж.З.)