Во Македонскиот народен театар (МНТ) денеска започнаа пробите за новата претстава „Црно злато“, по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Слободан Унковски.
Во центарот на приказната е едно семејство со неговите премолчени конфликти, трауми, љубови, загуби и обиди за повторно пронаоѓање на сопствениот идентитет. Ликовите се соочуваат со семејната транзиција, минатото кое не исчезнува и со сегашноста која постојано ги враќа едни кон други.
Играат: Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска и Гораст Цветковски.
Креативниот тим го сочинуваат сценографот Бранко Хојник, костимографот Александар Ношпал, композиторот Златко Ориѓански, асистентката на режисерот Звездана Ангеловска и асистентот на сценографот Мартин Манев. Во претставата учествуваат музичари и хор.
Премиерата на „Црно злато“ се очекува во декември годинава.



