СЕ СОЗДАВА НАЈСИЛНИОТ ЕЛ НИЊО ВО ПОСЛЕДНИТЕ 70 ГОДИНИ И БИ МОЖЕЛ ДА ТРАЕ ДО ФЕВРУАРИ

    СЕ СОЗДАВА НАЈСИЛНИОТ ЕЛ НИЊО ВО ПОСЛЕДНИТЕ 70 ГОДИНИ И БИ МОЖЕЛ ДА ТРАЕ ДО ФЕВРУАРИГолем број дрвја беа откорнати во невообичаено силното невреме во Скопје на 19 јѕли (Фото: СДК.МК)

    Светот влезе во опасна зона на екстремни временски услови бидејќи влијанијата на Ел Нињо почнуваат да се чувствуваат глобално, предупреди генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Светската метеоролошка организација (СМО) ги објави најновите податоци за природниот временски феномен, кои покажуваат дека може да биде најсилниот во последните 70-ина години и да трае барем до февруари 2027.

    Ел Нињо ги менува временските обрасци низ целиот свет, предизвикувајќи суши во некои региони, додека други доживуваат посилни тајфуни и поплави. Прогнозерите, исто така, велат дека Ел Нињо дополнително ќе ги зголеми температурите на некои места.

    „Ел Нињо се зголемува пред нашите очи. Науката не остава простор за сомнеж: планетата е во неистражени води, а тие води се загреваат“, рече Гутереш.

    СМО соопшти дека презела голема мобилизација за да ги дистрибуира своите прогнози за потенцијални екстремни временски настани поврзани со Ел Нињо до што е можно повеќе заедници.

    „Ел Нињо има потенцијал да им нанесе огромен удар на заедниците и економиите низ целиот свет“, предупреди генералниот секретар на СМО, Селесте Сауло.

    Ел Нињо е природен временски феномен што се развива во Тихиот Океан и е поврзан со промена на ветровите. Тој овозможува топлата вода да се шири кон исток и ослободува топлина во атмосферата. Температурите на морето во централниот и источниот тропски Пацифик нагло се зголемија во последните месеци, што е јасен знак за зајакнување на Ел Нињо.

    Во клучниот регион за следење во Пацификот, површинските температури во последните недели биле повеќе од два Целзиусови степени над просекот и самото тоа би го направило Ел Нињо многу силен. Но, месечните температури на површината на морето би можеле да се приближат до четири Целзиусови степени над просекот, сугерираат прогнозите. Ова би довело до најсилниот Ел Нињо од 1950 година, со потенцијално голема разлика.

    Температурите се уште поневообичаени под површината на Пацификот, кои на некои места се повеќе од осум степени над просекот. Наднормални морски температури се очекуваат и во други делови од светот, вклучувајќи ги Индискиот Океан, тропскиот Атлантик и делови од австралискиот брег.

    Иако влијанијата врз глобалното време веројатно ќе се почувствуваат и во 2027, СМО очекува значителни промени во моделите на врнежи од дожд во следните неколку месеци. Се предвидуваат посуви услови во големи области на Југоисточна Азија и Централна Америка и во северните делови на Јужна Америка, зголемувајќи го ризикот од суши и пожари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира