ООН ИЗГЛАСА УСВОЈУВАЊЕ НОВА СВЕТСКА КАРТА ШТО ЈА ПРИКАЖУВА ВИСТИНСКАТА ГОЛЕМИНА НА АФРИКА

    ООН ИЗГЛАСА УСВОЈУВАЊЕ НОВА СВЕТСКА КАРТА ШТО ЈА ПРИКАЖУВА ВИСТИНСКАТА ГОЛЕМИНА НА АФРИКАМапата на Меркатор од 16 век (лево) е широко распространета низ целиот свет, но неточно ги прикажува големините на земјите и континентите, a новата мапа e наречена проекција „Еднаква Земја“ (десно). (Фото: Би-Би-Си)

    Генералното собрание на Организацијата на Обединети нации изгласа замена на традиционалната светска карта со онаа што попрецизно ја прикажува големината на Африка. Резолуцијата „Исправете ја картата“, предложена од Того и поддржана од земјите-членки на Африканската унија (АУ), беше усвоена со поддршка од 164 држави, вклучувајќи ги Франција и Обединетото Кралство. САД беа единствената земја што гласаше против, а шест земји беа воздржани.

    Гласањето во ОН не е правно обврзувачко, но ќе доведе до промени на картите што ги користат институциите ширум светот.

    Картата на Меркатор, која е во широка употреба уште од 16-тиот век, е предмет на критики бидејќи ја прикажува Африка со големина слична на онаа на Гренланд, иако таа е 14 пати поголема. Критичарите велат дека тоа доведува до минимизирање на развојните потреби и потенцијалот на земјите во близина на екваторот.

    Картата на Меркатор била изработена во 1569 година од фламанскиот картограф Жерардус Меркатор за да им помогне на европските истражувачи во навигацијата низ светот. Изобличувањето на неговата карта е резултат на фактот дека е невозможно прецизно да се прикаже површината на глобусот на дводимензионална карта. Секогаш кога се црта карта на светот, неопходно е да се направат компромиси.

    Картата на Меркатор ја прикажува закривеноста на Земјата така што земјите близу до екваторот изгледаат помали отколку што се, додека земјите поблизу до половите изгледаат поголеми.

    Во обид да се поправи ова, тим од картографи во 2018 година создаде карта со соодветни површини, наречена проекција „Еднаква Земја“ (Equal Earth). Во февруари, 54-те земји-членки на Африканската унија ја усвоија оваа карта, наведувајќи дека таа „попрецизно ги прикажува големините на сите континенти, особено на Африка“.

    Онлајн-групата за кампањи #CorrectTheMap изјави: „Во Африка би можеле да ги соберете САД, Кина, Индија, Јапонија, Мексико и голем дел од Европа, а сепак да остане уште слободен простор“.

    Пред вчерашното гласање, министерот за надворешни работи на Того, Роберт Дусе, за новинската агенција Ројтерс изјави: „Праведниот свет започнува со праведна карта“. Претходно, на брифинг во ОН, тој истакна: „Картата никогаш не е неутрална. Таа ги обликува перцепциите и влијае врз тоа како се сфаќа местото на народите и континентите во светот“.

    Тој ја доби поддршката од францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој изјави дека неговото министерство ќе престане да ја користи картата на Меркатор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира