Германскиот канцелар Фридрих Мерц вети дека ќе остане на функцијата, и покрај триумфот на крајната десница на покраинските избори во Саксонија-Анхалт, што ги доведе антиимигрантските, проруски политичари на дофат на власта. Мерц изјави дека убедливата победа на Алтернатива за Германија (АфД) ја потресла неговата конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ) до нејзините темели.
АфД и нејзиниот регионален лидер Улрих Зигмунд не успеаја да освојат апсолутно мнозинство, но, сепак, имаат шанси да ја создадат првата крајнодесничарска покраинска влада во Германија од нацистичкиот период.
„Ова е најлошиот изборен пораз на ЦДУ со години, со децении. Секако дека ова ќе има последици“, рече Мерц, признавајќи дека е шокиран.
Зигмунд (35) го исмеваше 70-годишниот Мерц дека е „многу добар активист“ за АфД. По само 16 месеци на функцијата, Мерц призна дека неговиот низок рејтинг во анкетите одиграл улога во поразот на ЦДУ.
„Знам дека јас лично бев постојана тема во оваа изборна кампања. Мораме да се обидеме, вклучително и јас, да допреме до луѓето поефикасно. Мојата решеност да продолжам по патот на реформите е нескршлива. Откажувањето не е опција за мене“, рече Мерц.
Тој кажа дека сака да ги увери сојузниците на Германија дека нејзините институции се отпорни и стабилни, а нејзините ранливи малцинства дека земјата ќе се држи до своите вредности и устав дури и ако АфД ја преземе власта во Саксонија-Анхалт. Тој, исто така, вети дека ќе продолжи да ја поддржува Украина, нагласувајќи дека „нема да отстапи ниту милиметар од своето фундаментално убедување дека мора да ја браниме нашата слобода и од Русија“.
АфД не освои доволно места за да го избере Зигмунд за премиер на покраината, но од партијата рекоа дека се обидуваат да ги придобијат бунтовничките пратеници од други партии за да дојдат до мнозинство.



