Партијата Алтернатива за Германија (АфД) по 13 години обиди да се наметне како сериозна политичка опција и да се дистанцира од врските со неонацизмот и екстремизмот, оствари победа на изборите во источната германска покраина Саксонија-Анхалт. Освојувајќи 39 пратенички мандати, партијата се најде на само три места до мнозинството и во водечка позиција за состав на покраинската влада.
Кампањата ја предводеше кандидатот за покраински премиер Улрих Зигмунд, поранешен член на демохристијанската ЦДУ, кој успеа да ги привлече незадоволните конзервативни гласачи од сојузната влада на Фридрих Мерц. Сепак, на пратеничката листа на АфД се најдоа повеќе контроверзни личности кои ќе ги застапуваат граѓаните во локалниот парламент.
Меѓу избраните е 78-годишниот Франк-Роналд Бишоф, кој има признаено дека работел како висок службеник во поранешната источногерманска тајна служба Штази. Според локалните извештаи, тој 12 години тајно учествувал во задушување на антикомунистички протести и следење на граѓани кои поднесувале барања за напуштање на земјата. Соочен со прашања за неговиот ангажман, тој за весникот „Билд“ изјави дека совесно ги извршувал своите обврски според тогашните закони и одби да коментира детали за службата. И покрај тоа што АфД редовно ја обвинува ЦДУ за овозможување на комунизмот, Бишоф убедливо победи во својата изборна единица.
Пратенички места со над 40 проценти од гласовите освоија и двајца кандидати кои се под полициска истрага поради сомнежи за поврзаност со расистичка секта. Симон Лансман победи во округот Салцведел, каде што полицијата претходно интервенираше за да спречи пагански ритуал на неговата фарма.
Според „Шпигел“, учесниците на ноќниот настан носеле факели, дувале во рогови и пееле химна на Хитлеровата младина. Истражните органи сметаат дека настанот бил поврзан со сектата Артгемајншафт, забранета во 2023 година поради блискост со нацистичката идеологија. Лансман тврди дека не е вмешан и дека спорните песни не биле дел од официјалната програма. Под истрага за собирите на оваа група е и 39-годишниот Себастијан Кох, кој претходно членувал во неонацистичко здружение, но вели дека тоа било само минлива фаза од неговото минато.
Во парламентот влегува и 43-годишниот Филип-Андерс Рау, претходно осуден за кражба на пешкири и постелнина од хотел во Минхен. Тој во минатото бил исфрлен од факултет поради лажирање на резултати од матура, што подоцна се обидел да го оправда со зависност од кокаин. Рау, кој во 2024 година присуствуваше на изборната забава на Доналд Трамп во Мар-а-Лаго, призна дека снимал филмови за возрасни на јавни локации во Магдебург и на автопат, со тврдење дека од тоа немал никаква финансиска корист.



