Американскиот технолошки гигант Гугл гради голем центар за податоци на периферијата на малото австриско село Кронсторф, на два часа возење од Виена. Доколку проектот целосно се реализира и прошири, овој комплекс би можел да троши дури 7 проценти од вкупната електрична енергија во Австрија, што претставува поголема потрошувачка од онаа на сите домаќинства во главниот град Виена заедно.
Изградбата предизвика силен отпор кај локалното население, каде што група научници, уметници и активисти започнаа кампања со протести и петиции за да го спречат планираното проширување. Харалд Милнер, ИТ-експерт од блискиот град Линц и еден од основачите на локалниот сојуз против објектот, вели дека целта на нивниот отпор е да му создадат тешкотии на инвеститорот и јасно да покажат дека јавноста не ги одобрува овие планови.
Отпорот во Кронсторф се вклопува во поширокиот бран на незадоволство во Европа и во САД. Преку Атлантикот, демократите го користат граѓанскиот револт против центрите за податоци во кампањата пред претстојните избори, додека претседателот Доналд Трамп застана во заштита на технолошкиот сектор, тврдејќи дека заедниците што се спротивставуваат на вакви проекти на крајот ќе останат заостанати и сиромашни. Протести против слични капацитети се одржуваат и во Франција и во Италија, додека во Ирска, каде што овие сервери трошат една петтина од вкупната струја во земјата, обидите за правно блокирање преку судовите завршија без успех.
Спротивно на стравувањата на активистите, европските влади настојуваат да го олеснат развојот на ваквата инфраструктура, загрижени дека континентот заостанува зад САД и Кина во развојот на вештачката интелигенција. Европската Унија предвидува тројно зголемување на капацитетите за центри за податоци до 2035 година. Австриската државна секретарка за енергетика Елизабет Цехетнер изјави дека не може истовремено да се бара суверенитет во областа на вештачката интелигенција и постојано да се поставуваат нови пречки за инфраструктурата на која таа се темели.
Локалните еколози предупредуваат дека проектот носи сериозни ризици за животната средина. Екологот за слатководни води Кристина Грубер вели дека ваквите масивни центри по својата природа не се одржливи, укажувајќи на заземањето плодно земјиште, огромната потрошувачка на струја и потребата од вода за ладење. За ладење на серверите е предвидено користење на вода од реката Енс, а затоплената вода потоа ќе се враќа назад во речниот тек. Според активистите, ова ќе создаде термички стрес и нарушување на животинскиот свет во реката.
Од друга страна, претставникот на Гугл за европска комуникација за техничка инфраструктура, Михил Салаетс, вели дека компанијата презема мерки за надоместување на еколошкото влијание. Тој посочи дека покривот ќе биде целосно покриен со фотоволтаици, ќе биде формиран фонд за подобрување на речниот екосистем, а независните стручни извештаи покажале дека влијанието врз температурата на реката Енс е занемарливо. Салаетс додаде дека компанијата ги поминала сите предвидени законски процедури и има намера да дејствува како добар и транспарентен сосед.
Она што предизвикува незадоволство кај противниците на проектот е фактот што според австриското законодавство, ваквите центри не подлежат на задолжителна сеопфатна оцена за влијание врз животната средина, за разлика од изградбата на ветерници каде што таа е неопходна. Социјалдемократите, кои се дел од владината коалиција, заедно со опозициските Зелени, бараат законски измени со кои и овие капацитети ќе мора да добијат еколошка дозвола. Сепак, Народната партија, под чија надлежност е министерството за енергетика, не прифаќа воведување дополнителни регулативи.
Потрошувачката на енергија останува главниот аргумент на активистите. Според податоците на австриските електропреносни мрежи, во првата фаза објектот ќе влече моќност од 150 мегавати на час, со годишна потрошувачка од 1,31 терават-час. Доколку дојде до проширување, побарувачката ќе достигне 500 мегавати, односно 4,4 терават-часови годишно, што ја надминува вкупната потрошувачка на сите два милиони жители на Виена, кои годишно трошат околу 3,4 терават-часови.
Иако Австрија речиси 90 проценти од струјата ја добива од обновливи извори, најголемиот дел отпаѓа на хидроцентралите кои се подложни на суши, што се потврди и ова лето кога производството падна за една третина. Стручњакот Кристоф Долна-Грубер од Австриската агенција за енергетика вели дека доколку производството од обновливи извори не го следи растот на потрошувачката, цената на струјата природно ќе се зголеми, како што веќе се случи во Ирска и САД. Покрај тоа, комплексот нема да биде целосно ослободен од јаглероден отпечаток, со оглед на тоа што Гугл предвидува инсталирање на големи дизел-агрегати за напојување при евентуални падови на системот, кои редовно мора да се тестираат.
Активистите реагираат и на фактот што локацијата со поволен рамен терен, пристап до река и силна трафостаница му е доделена на странски гигант, при што добивката ќе се одлева надвор од Австрија. Австриското министерство за економија одговори дека проектот обезбедува значајни инвестиции, договори за домашните фирми и развој на инфраструктура за вештачка интелигенција и пресметки во облак, поради што генералното отфрлање на ваквите инвестиции не е оправдано. Со оглед на тоа што градежните работи во Кронсторф се во тек, активистите признаваат дека запирањето на првата фаза е тешко изводливо, па фокусот го насочуваат кон спречување на проширувањето, со цел отпорот да послужи како предупредување за сите идни слични проекти во земјата.



