Шест лица загинаа, а 97 се спасени по несреќата на патнички траект во Јаванското Море, соопшти индонезиската агенција за потрага и спасување.
Спасувачката акција започна откако беше изгубен контактот со бродот Вирго транспорт 8, кој превезувал 243 лица и наишол на невреме. Потрагата по останатите патници сè уште продолжува.
Траектот сообраќал од Сурабаја кон градот Бањармасин во Јужен Калимантан, а последен пат бил лоциран на околу 150 километри јужно од Бањармасин во неделата, околу 2 часот по локално време.
Надлежните органи го примиле првичниот повик за помош во 4 часот и 10 минути од операторот на пловилото, компанијата ПТ Вирго. Според податоците од две платформи за поморско следење, бродот тргнал од Сурабаја во саботата во 10 часот и 33 минути, а требало да пристигне во Бањармасин во неделата во 14 часот.
За спасувачките активности е формирана заедничка оперативна единица во која се вклучени индонезиската агенција за потрага и спасување, воената морнарица, поморската полиција и други надлежни служби.
На терен се испратени бродови и хеликоптер, а на сите други пловни објекти во тоа подрачје на Јаванското Море им е издадено известување да пријават доколку забележат патници. Во неделата наутро во зоната на пристаништето Трисакти беше формиран и оперативен пункт за координација на активностите по несреќата.



