Нашиот татко, Сашо Миленковски нѐ научи да не почитуваме никаков авторитет, да имаме храброст и да не правиме компромис кога станува збор за творештво, рекоа ќерките на режисерот, Хана и Сара Миленковски, на комеморацијата во чест на режисерот, кој почина на 29 јуни на 63 години, а погребот беше на 1 јули во неговиот роден град Битола.
Хана, која е режисерка , и Сара, која е активистка и политиколог, на крајот на комеморацијата во матичната куќа на Миленковски, скопскиот Драмски театар, кусо споделија дека од мали растеле во Драмски, дека трчале низ седиштата, и дека било голема привилегија да се има татко како Сашо Миленковски и да се расте во уметничкиот свет. Хана побара за крај, публиката да го испрати со последен аплауз и песната „Killing in the name“ од „Рејџ агенст д машин“.
На емотивната комеморација со голем број пораки и испраќања, зборуваа негови најблиски соработници, актери, режисери, драматурзи, негови ученици на режисерскиот занает. Сите споделуваа дека многу ги сакал глумците, дека бил прецизен режисер, аналитичен, откривал нови талентарни режисери и глумци, но и дека не сакал патетики и комеморации. Миленковски од 2010 беше вработен како драматург во Драмскиот театар.
Глумецот Рубенс Муратовски рече дека Сашо ќе го гледа и чувствува во секој ќош од театарот, низ ходниците, гримиорните, во некоја маса во бифето, во секоја смеа, аплауз, солза на сцената.
Актерката Весна Петрушевска рече дека Сашо ѝ бил повеќе од другар, ѝ бил гуру, човек со кој се натппеварувала кој повеќе знае за музика, кој повеќе знае за драмски писатели, за актерски методи, за пристапот на режисерот кон глумците.
„Сашо беше еден прекрасен човек. Многумина не го разбираа, а еднашост и не сакаа да го разберат, затоа што беше најдобар визонер. Откриваше нови, талентирани режисери и глумци. Го откри Синиша Евтимов, Бојан Трифуновски, Наташа Поплавска… и им даде ветар во грб тогаш кога најмалку и најтешко беше тие 90-тите години да се пробие млад човек на сцена, тој им даде шанса. Ветарот треба да се запамети и да се повторува. Нешто што е многу важно за Сашо Миленковски е дека јас не можам да зборувам за него во минато време. Многу е страшно, затоа што ми недостасуваат неговите паузи. А кога разговаравме, паузите најмногу ни значеа, оти размислувавме, оти делувавме, оти бевме тука присутни.
Саше… затоа што јас секогаш го викав Саше, и тој се лутеше: ‘Имам име, велеше, Сашо е!’. Го уби талентот. Го уби можноста да изрежира уште еден голем проект. Го уби заборавеноста. Го уби љубовта. Го уби тоа што не можеше да спаси уште некој лик во својот живот, затоа што тој упорно некој… некого спасуваше. На крај не можеше да се спаси самиот себеси“, рече Петрушевска.
Режисерот Синиша Евтимов емотивно се сеќаваше како Миленковски го открил за време на неговите студии на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), кога испитна вежба му била „Мечка“ од Чехов. Набрзо потоа го зел за асистент на претстава во Струмица.
„После тоа продолживме заедно со неговиот ‘Вавилон’, па дојдоа и некои други претстави, други проекти, други театри. Така учев од него. Не затоа што седнуваше да ми објасни како се режира, туку затоа што ме пушташе да го гледам додека работи. Гледав како размислува за сцената, како бара ритам, како работи со актерите. Како растура нешто што вчера изгледало готово, како не се плаши од ризик. Не го интересираше удобниот театар, бараше нерв, бараше живост. Нешто што ќе ја помрдне сцената и човекот во неа.
И мислам дека токму тука беше неговата најголема сила. Не само што создаваше претстави, туку создаваше луѓе околу претставите. Имаше… имаше редок талент да препознае кај некого и да му даде доверба пред тој самиот целосно да поверува во себе.
И тој хумор остана со него до крај. Го видов два дена пред да си замине. Веќе изнемоштен од болеста, но целосно присутен, свесен, со дух и мирен. Се поздравивме. Тој знаеше дека си оди и во момент кога човек би очекувал некој да го теши, нели, Сашо повторно беше Сашо Миленковски: ‘Немој, што плачеш, не се плачи, ова е само премин’. Мислам дека таа реченица многу точно го опишува. Ќе се обидам да му верувам, затоа што ако нешто знаеше Сашо, тоа беше дека после секоја сцена доаѓа следната. И ова е само крај на една сцена. Се гледаме во следната сцена“, рече Евтимов.
Сеќавања беа прочитани и од неговите најчести соработници, драматурзите Венко Андоновски и Сашо Кокаланов.
Во пораката од Андоновски, тој потсетува дека Миленковски постави три негови драмски текстови: „Кандид во земјата на чудата“ „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“.
„Сашо беше мајстор од апсурдноста на светот да направи смисла. Тој инјектираше смисла дури и во најбесмислените животни и театарски епизоди. Бараше смисла во аморфното, беше како дете кое во аморфната маса облаци на небото препознава фигури. Тие фигури ги правеше видливи и јасни за театарската публика. Така им пристапуваше и на моите текстови. Ниту еднаш не се случи да ја постави онаа претстава што јас ја гледав во мојата глава. Секогаш тоа беше драстично различно во неговата визија. И секогаш останував да гледам и се воодушевував повеќе од мојот текст и од мојата сценска замисла за него. Сашо режираше на еден целосно специфичен начин. Им даваше слобода на артистите без да ги ограничува, сè до последната етапа на подготовката на претставата кога ги затегаше уздите. Тогаш, пред крајот на процесот, често знаеше среде проба да исчезне. Се чудевме и артистите и јас каде е, и никогаш не дознавме каде оди. Туку по некое време ќе се појавеше со идеја и решение за некоја сцена, како да бил викнат на консултации некаде на некој специјализиран таен театарски институт во кој го нашол тоа што ни треба и го купил“, вели Андоновски.
Кокаланов, пак, во својата порака се пошегува за отпорот на Миленковски да оди на комеморации.
„Од некоја причина сите наши средби од тоа време ги помнам како да се случиле во ‘Челик’ во Капиштец или во бифето на стариот МНТ, или во кафанчето ‘Крчма’. ‘Ај да платиме и да одиме, ќе задоцниме’, му вели Ванчо Петрушевски. ‘Каде ќе задоцниме?’ На комеморација, како каде’. Му објаснува во чија чест е настанот, а тој вели дека едвај и да го познавал човекот. Но Ванчо вели: ‘Сашо, како не одиш на комеморации? Утре кој ќе ти дојде?’. Сашо, другар мој, колку пати сме ја прераскажувале оваа анегдота тројцата и сме се смееле. Одбивам да се соочам со тоа дека сега ја раскажувам во чест на твојата комеморација. Ти не сакаше комеморации, читање биографии, редење успеси, јавни сплотувања. Не ја сакаше таа неизбежна евтина патологија во која и самиот се фаќам уловен пишувајќи го обраќањево. Ти, убеден во тоа дека не би дошол ни на својата комеморација. Да беше тука ќе ми речеше: ‘Може приредбава да заврши на кафе во бифето’“, стоеше во обраќањето на Кокаланов.
Во својата богата кариера Миленковски има реализирано повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, регионот и во Европа. Неговиот опус се одликува со разновидност – од класични автори како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет до современи драмски текстови. Особено значајно место во неговото творештво имаат поддршката и афирмацијата на современата македонска драма.
Меѓу најзначајните негови режии се праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар (1992), која освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и беше изведена на „Охридско лето“ и „Млад отворен театар“. Со оваа претстава, како и со „Буре барут“ поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде значаен придонес во промоцијата на Дуковски, кој подоцна се етаблира како еден од најизведуваните македонски драмски автори во светот.
Покрај тоа, успешно ги поставува и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, како и „Лични огласи“ од Братислав Димитров. Важен дел од неговиот опус се и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар – Скопје. Миленковски успешно ги реализира во авторски сценски проекти и своите текстови „Коледе“, „Гаме овер“ и „Ова не е американски филм“. Воедно, неговиот придонес кон независната сцена е значаен преку основањето на театарот „Бабилон“ во 1999 година.
Во периодот од 2006 до 2010 беше директор на Македонскиот народен театар (МНТ).
Годинава ја доби и Наградата за животно дело на театарскот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Беше сопруг на актерката Билјана Беличанец која почина во 2019.
Б. НЕСТОРОСКА






