Нови политички магазини, враќање на детската радиодрама и на детскиот хор на Македонската радио-телевизија (МТВ), подкасти, како и враќање на музичките натпревари „Македонски идол“ и „Икс-фактор“ на МТВ, се дел од новините за јавниот сервис кои денеска ги презентираа Стојан Трпчевски, уредник на Првиот програмски сервис, заедно со повеќе уредници и ТВ-водители.
„Во информативниот дел направивме Централен дневник од еден час. Зошто го направивме тоа? За да дадеме повеќе време на културата во земјава, која е дел од нашиот идентитет. Сите сме свесни дека доминираат настаните од земјата и од светот, но значително место мора да се одвои и за културата. А тука воспоставивме една врска со нашата дијаспора преку Агенцијата за иселеништво и секој што има желба од нашите иселеници во странство може да учествува волонтерски во дневникот на Македонската телевизија, едноставно да ја донесеме дијаспората повторно во нивната матична земја преку нивниот лик и глас“, рече Трпчевски на денешната прес-конференција.
Покрај постојниот политички магазин „360“, МТВ најавува уште три нови информативни телевизиски формати, после Централниот дневник : „Без наслов“, „Со повод“ и „Надворешна“. Ќе ги подготвуваат познати лица од новинарскиот живот во земјава и ќе учествуваат новинари кои ќе дебатираат на општествени теми. „Средбите на новинарите на јавна сцена секогаш се атрактивни за јавноста затоа што нема задршки во нивните настапи“, рече тој.
„За викендите планираме друг тип забава ‘Женски муабети’ и ‘Напладне’, како и возобновување на фестивалите за големи и мали кои се високо на агендата на јавниот сервис. Секоја генерација бара нешто ново. Тоа ново што го гледаме во светски рамки се подкастите. Ќе ги има и попладне и навечер во етерот на Првиот програмски сервис. За нив се ангажирани познати водители во јавноста актери, музичари, новинари , како Пеце Суперхикс, Нора Шаќири, Ивана Кнез, Катерина Топалова, за да дадат еден посебен сегмент во тоа што ќе го прават. Гостите ќе бидат од различен профил и тоа што можеби го премолчуваат во јавните настапи на некои политички дебати, сега ќе имаат можност да го кажат поотворено и послободно, без задршка“, кажа уредникот.
Говорејќи за светските формати, Трпчевски рече дека се договорени три емисии, се договараат уште неколку. Покрај „Македонски идол“, „Икс фактор“, најавен е и проектот „Пасворд“. Тоа се најавува како брза, динамична и забавна емисија во која натпреварувачите ќе се обидуваат преку асоцијации да стигнуваат до вистинските одговори.
„Нашата цел е ‘Пасворд’ да стане емисија која може да ја гледаат заедно деца, баби, дедовци, родители, затоа што телевизијата треба пред сѐ да поврзува“, кажа тој.
Уредникот на МРТ 3, Зоран Мирчевски најави дека третиот канал ќе биде посветен на македонската музика, но и дека ќе се даде голема поддршка на новитетите и на младите таленти од сите области.
Водителките Александра Јовановска и Јана Бурческа повторија дека Македонија се враќа на Евровизија 2027 по пет години пауза, а дека начинот на избор на изведувач допрвин ќе се дефинира.
Б. НЕСТОРОСКА



