ПО ОБВИНЕНИЕТО ЗА ШЕСТМИНА ЗА РУШЕЊЕ НА СПОМЕН-КУЌАТА НА ВЛАДО МАЛЕСКИ ВО СТРУГА ЌЕ СЛЕДИ ОБНОВА И ЗАШТИТА НА ОБЈЕКТОТ

    ПО ОБВИНЕНИЕТО ЗА ШЕСТМИНА ЗА РУШЕЊЕ НА СПОМЕН-КУЌАТА НА ВЛАДО МАЛЕСКИ ВО СТРУГА ЌЕ СЛЕДИ ОБНОВА И ЗАШТИТА НА ОБЈЕКТОТОд Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид велат дека досега немало можност да се интервенира врз објектот, бидејќи случајот бил во истражна постапка. (Фото: СДК.МК)

    По поднесувањето на обвинителниот акт против шест лица за оштетувањето на спомен-куќата музеј во Струга на писателот Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, заштитена како културно наследство, ќе се преземаат првите конкретни активности за заштита и санација на објектот. Од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид велат дека досега немало можност да се интервенира врз објектот, бидејќи случајот бил во истражна постапка.

    Основното јавно обвинителство (ОЈО)  Струга денеска соопшти дека поднесе Обвинителен акт против градежникот, бившиот градоначалник Рамиз Мерко, уште три лица од Општина Струга и архитектката-конзерватор во Заводот за заштита на културното наследство и музеј-Охрид. Тие се товарат дека на 15 октомври 2025 година придонеле да биде оштетена спомен-куќата, при што се гонат за кривичното дело Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од член 264 од Кривичниот законик.

    Од Заводот вела дека во меѓувреме, додека траела истрагата, е добиено одобрение од Обвинителството за извршување заштитно-конзерваторски работи, а институцијата сега е во фаза на договори со Општина Струга и инвеститорот за итно отстранување на дел од соседниот објект кој претставува опасност, како и за затрупување на темелната јама од соседната градба.

    „Досега не се преземени никакви зафати затоа што објектот беше предмет на истражна постапка и не можеше да се интервенира врз него. Сега, кога имаме одобрение, во фаза сме на договори со Општината и инвеститорот за да се отстрани опасниот дел од објектот и да се изврши затрупување на темелната јама од соседниот објект“, вели директорот на Заводот и музеј – Охрид, Горан Патчев.

    По извршен увид од стручните лица на Заводот, констатирано е дека на објектот сè уште постојат нестабилни и конструктивно небезбедни делови, кои претставуваат непосредна опасност за животот и безбедноста на граѓаните и минувачите, но и ризик од понатамошно уривање и оштетување на преостанатите автентични делови од заштитеното културно наследство.

    „Ние имаме констатирано дека на објектот сè уште постојат нестабилни и конструктивно небезбедни делови кои претставуваат непосредна опасност за животот и безбедноста на граѓаните и минувачите. Затоа се обративме до Обвинителството да се произнесе дали постојат процесни пречки за да се преземат итни мерки“, вели Патчев.

    Од Заводот посочуваат дека интервенцијата би се реализирала под стручен конзерваторски надзор, со цел истовремено да се отстранат опасните делови и да се заштитат преостанатите автентични елементи на објектот.

    „Нашата цел е да се обезбеди објектот и да се спречи негово понатамошно уривање и деградација, но притоа да се зачуваат преостанатите автентични делови од културното наследство. Ние сме подготвени да обезбедиме стручен конзерваторски надзор при интервенцијата“, додава Патчев.

    Паралелно со итните мерки, во тек е изработка на проект за реконструкција на спомен-куќата на Владо Малески, кој треба да ги опфати сите потребни фази за обновување и заштита на објектот.

    „Во тек е и изработка на проект за реконструкција на куќата на Владо Малески, со сите потребни фази. Со проектот ќе се направи премер со пресметка за потребните матерјали и интервенции по што ќе се знае колку би чинела реконструкцијата. По изработката на проектот следува ревизија, а потоа и конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство и одобрение за реконструкција од Министерството за транспорт“, објаснува директорот.

    Куќата на Владо Малески е една од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба во која на 23 септември 1941, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко. Пред куќата стои биста на Кузман Јосифовски-Питу. Спомен-куќата, која се наоѓа на улицата Браќа Миладиновци во Струга, од 2017 е заштитена како значајно културно наследство.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира